Линкови за пристапност

Русија ја обвинува Украина за вмешаност во нападот на аеродромот во Дагестан, Киев демантира


Русија ја обвини Украина дека е вмешана во упадот на пропалестинските демонстранти на аеродромот во Махачкала во Дагестан.

Руските власти затворија аеродром во регионот на Северен Кавказ во неделата и ги пренасочија летовите, вклучително и еден од Израел, по извештаите за собир на пропалестински демонстранти кои се противат на израелските акции во Појасот Газа.

„Ова е провокација оркестрирана надвор од Русија, во која Украина имаше директна и клучна улога“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Украина ги отфрли обвинувањата како неосновани.

„Украина нема никаква врска со последниот излив на ксенофобија на територијата на Руската Федерација“, рече Михајло Подољак, советник на претседателот Володимир Зеленски, во одговорот на агенцијата Ројтерс.

Украина е под брутална руска агресија од февруари 2022 година, чии последици се бројни човечки жртви и уништување на инфраструктурата.

Руските воздухопловни власти објавија дека летовите на Тел Авив до областите во Русија со мнозинско муслиманско население ќе бидат привремено пренасочени во други градови.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека 60 лица се приведени откако пропалестински демонстранти упаднале на аеродромот во Махачкала, Дагестан - кога слетал авион од Израел.

Локалните здравствени власти соопштија дека за време на немирите во неделата се повредени најмалку дваесет лица.

Израел побара од руските власти да ги заштитат израелските граѓани и Евреите по извештаите за можна репресија на пропалестинските демонстранти во Руската Република Дагестан.

„Државата Израел сериозно ги сфаќа обидите да им наштети на израелските граѓани и Евреи каде било во светот“, се вели во соопштението.

Израелските медиуми објавија снимка од аеродромот во Махачкала во Дагестан на која се гледа како група млади луѓе брзаат кон пистата каде се очекуваше да слета авион од Тел Авив.

„Израел очекува руските органи за спроведување на законот да ги заштитат сите израелски граѓани и Евреи, кои и да се тие, и да преземат мерки против бунтовниците и поттикнувањата насочени кон Евреите и Израелците“, се вели во соопштението.

Регионалните лидери на Дагестан, како и оние од регионот на Северен Кавказ, повикаа на смирување на тензиите. Истото го направи и муфтијата на Дагестан.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG