Линкови за пристапност

Русија ја обвини Украина за „монструозен“ напад врз пекара


Зеленски размислува да смени неколку високи функционери.
Зеленски размислува да смени неколку високи функционери.

Русија ја обвини Украина дека го извршила, како што го нарече Кремљ, „монструозен“ напад врз пекара во град окупиран од Русија во источна Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дополнително го нарече нападот во саботата во Лисичанск „терористички чин“ врз мирната инфраструктура.

Русија соопшти дека во нападот загинале 28 лица.

Лисичанск имал население од околу 110.000 луѓе пред инвазијата на Русија. Тој падна во рацете на Русија во летото 2022 година и е на 15 километри од територијата под контрола на Украина.

Украинските власти не коментираа за нападот.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилни локации, вклучително и Украина која известува за чести руски ракетни и беспилотни напади насочени кон украинските градови.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека размислува да смени неколку високи функционери, а не само во војската, со цел да ги назначи најдобрите луѓе кои ќе ја предводат Украина.

Во интервјуто емитувано за италијанската државна телевизија РАИ во неделата, Зеленски рече дека „неопходно е ресетирање“, бидејќи смета кои би биле најдобрите луѓе да водат различни сектори во Украина.

Зеленски рече дека промените би можеле да вклучуваат разрешување на неговиот висок воен началник, генерал Валериј Залужњи.

Во ноември минатата година, Зеленски го прекори Залужни затоа што изјавил за западен медиум дека војната во Украина влезе во нова фаза на трошење.

Претходно во неделата, Зеленски ги посети украинските војници на југоисточниот фронт.

Зеленски им додели медали на пилотите и беше информиран за серијата руски напади врз цели во регионот Днепропетровск и за тоа како да се користат западните и хибридните системи за воздушна одбрана за заштита на небото на Украина.

Некои материјали за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG