Линкови за пристапност

Рон Десантис ја заврши својата кампања за Белата куќа


Претседателскиот кандидат Рон Десантис, кој претходно се сметаше за најдобра шанса на Републиканската партија да се отцепи од Доналд Трамп, во неделата се откажа од партиската трка. Релативно предвременото повлекување само потврди колку силно останува влијанието на поранешниот претседател врз партијата.

45-годишниот Десантис го поддржа Трамп во видео порака која беше објавена на социјалната мрежа X.

Десантис многумина го сметаа за фаворит за републиканската номинација во 2024 година и за природен наследник на Трамп, поради неговиот воинствен стил и длабоко конзервативни ставови. На почетокот на 2023 година, во неколку анкети беше рамо до рамо со Трамп.

Сепак, поддршката што ја доби почна да опаѓа поради погрешната стратегија на кампањата, интеракцијата со гласачите која не беше доволно опуштена и несмалената популарност на Трамп кај голем дел од гласачката база на Републиканската партија.

Излегувањето на Десантис од кампањата значи дека поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации Ники Хејли сега е последната републиканка во трката што има шанса, иако мала, да му ја одбие номинацијата на Трамп. Победникот во натпреварот за номинација на републиканците ќе се соочи со претседателот Џо Бајден, претпоставениот демократски кандидат, на општите избори во ноември.

Повеќе од 70% од републиканците имаат позитивно мислење за Трамп, според повеќето анкети. Поради ова, Десантис беше во позиција каде што мораше да им се допадне на гласачите кои сè уште му се восхитуваат на Трамп, како и на оние кои силно му се спротивставија.

Десантис не успеа да го освои ниту едното ниту другото. Тој никогаш не им објаснил успешно на повеќето поддржувачи на Трамп зошто е подобра опција од Трамп, додека републиканците кои сакаат да се ослободат од поранешниот претседател ги поделија своите гласови на повеќе кандидати. Хејли, особено, се наметна како фаворит меѓу умерените републиканци.

Кога Десантис се разликуваше од Трамп по политичките ставови, тој речиси секогаш заземаше уште поконзервативен став од него. Во април, тој потпиша нацрт-закон за забрана на абортусот по шестата недела од бременоста на Флорида, кој го промовираше за време на кампањата, иако некои донатори и умерените републиканци не беа воодушевени од тоа.

Тој се спротивстави на дополнителната американска воена помош за Украина и презеде казнени мерки против компанијата Волт Дизни, откако таа се огласи и го критикуваше законот на Флорида што ја ограничува дискусијата за полот и сексуалноста во училниците.

Републиканските критичари на Десантис, кои се залагаат за давање привилегии и стимулации за развој на бизнисот, сметаа дека неговиот судир со Дизни е непотребен.

Додека многу големи донатори го поддржаа Десантис рано, тие почнаа да се повлекуваат почнувајќи од летото.

Роберт Бигелоу, кој даде милиони донации на групата поддржана од Десантис, во август рече дека го повлекува своето финансирање откако беше одбиен од бескомпромисниот став на гувернерот за абортусот.

Проблемите на Десантис започнаа уште пред да влезе во трката. Во март, кога Трамп беше обвинет дека се обидел да ги прикрие плаќањата на порно ѕвезда за да ја спречи јавно да зборува за нивната врска, популарноста на поранешниот претседател значително се зголеми бидејќи републиканците се собраа зад него. Многумина веруваа во тврдењата на Трамп дека претставниците на судството се обидуваат да го спречат да стане претседател.

Некои од сојузниците на Десантис мислат дека тој чекал предолго да се кандидира, за конечно да го стори тоа во мај, повеќе од шест месеци по Трамп. За тоа време Трамп жестоко го нападна, а гувернерот не се бранеше многу, нагласувајќи дека тој не е кандидат.

Кога формално ја објави својата кандидатура во мај 2023 година, тоа го направи на Твитер во тоа време, во пренос кој беше погоден од технички проблеми, што беше лош почеток на кампањата.

Потоа имаше прекумерно вработување со брзо трошење пари. Десантис отпушти околу 38 соработници во јули, а неговиот менаџер на кампањата во август.

Тој препушти голем дел од традиционалната работа на кампањата на надворешен политички акционен комитет, кој може да прима неограничени донации, но не може да се координира со изборниот штаб на кандидатот.

Кампањата на Десантис и комитетот не си веруваа меѓусебно, а по заминувањето на високи членови на комитетот дополнително се засили впечатокот дека кампањата на гувернерот на Флорида „умира“.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG