Линкови за пристапност

Кој и да е во Белата куќа, ја претставува целата земја


Претседателот Обама реагира на коментарот на Ромни за 47% од гласачите.

Кој и да е во Белата куќа, ја претставува целата земја, реагираше претседателот Барак Обама на коментарот на изборниот противкандидат Мит Ромни, дека речиси половината од американските гласачи се „жртви“ зависни од владина помош.

Реакцијата на Обама, дадена за време на гостувањето во популарното ТВ-шоу на Дејвид Летерман, уследи откако либералниот магазин „Мајка Џонс“ објави тајна видео-снимка од приватна вечера за собирање на изборни донации, на која Ромни вели дека 47% од гласачите кои го поддржуваат претседателот не само што не плаќаат даноци, туку и веруваат дека им следува здравствено осигурување, помош во храна, домување и слично. Републиканскиот претседателски кандидат додава и дека нема да се грижи за тие луѓе.

Обама во шоуто на Летерман кажа дека да се биде претседател значи дека треба да работите за сите, а не само за некои. Неговиот изборен штаб досега го има портретирано Ромни како бизнисмен-мултимилинер кој изгубил слух за вистинските проблеми на просечниот Американец.

Ромни по објавувањето на снимката реагираше дека неговата забелешка не била „елегатно изнесена“. Тој подвлече дека се обидувал да ги истакне разликите со претседателот, кој, како што вели, верува во „општество каде доминира владата“. Републиканскиот претседателски кандидат во реакцијата подвлекува дека разбирливо сака да им помогне на сите Американци, но е убеден дека пристапот на претседателот не ја постигнува истата цел.
XS
SM
MD
LG