Линкови за пристапност

Исто образование, а помали плати од мажите - поразителна родова нееднаквост во македонското општество


Исто образование, а различни плати - поразителна родова нееднаквост во македонското општество
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Исто образование, а различни плати - поразителна родова нееднаквост во македонското општество

Најголем проблем е што жената и натаму нема еднакви можности за слободно да се вклучи во работни активности, како и зашто сè уште владее мислењето дека нејзиното место е во домот

Еднакво ниво на образование, исти квалификации, идентични способности на работното место. Логичен тек во ова набројување се и еднакви месечни примања. Но, состојбата на македонскиот пазар на трудот води друга логика. Сè уште дел од жените се помалку платени од мажите.

Кога доаѓаме до мерење на овој јаз за идентични места, идентична плата, ќе забележиме дека сè уште постои јаз меѓу мажите и жените во поглед на нивните примања
Благица Петрески, Извршна директорка на „Finance Think“


„Имате две лица аналитичари, маж и жена, на иста позиција, имаат исто образование, иста возраст, исто искуство. Нивните плати треба да бидат идентични. Кога доаѓаме до мерење на овој јаз за идентични места, идентична плата, ќе забележиме дека сè уште постои јаз меѓу мажите и жените во поглед на нивните примања“, вели Благица Петрески, Извршна директорка на „Finance Think“.

Според анализа на „Фајнанс Тинк“ од 2018 година, разликата во примањата била нешто помала од девет проценти. Родовата нерамноправност најмногу е застапена во пониско платените професии.

Голем дел од женската популација работи токму во тие најниско платени работни места, како што се текстилните компании. Знаеме дека текстилната и кожарската индустрија се две индустрии кои имаат најниски плати, додава Петрески.

На платите се надоврзува и нерамномерната родова застапеност на лидерските позиции.

Многу е помала застапеност на жените на високи позиции во законодавството, функционерите и на раководните позиции
Елизабета Гелевска, Претседателка на Секцијата на жени при ССМ


„Многу е помала застапеност на жените на високи позиции во законодавството, функционерите и на раководните позиции. Меѓутоа кога жените самите наоѓаат работа, особено во трудоинтензивните гранки, тогаш особено во делот на нискоквалификуваните работни места, тогаш е повеќе изразен јазот во платите“, вели Елизабета Гелевска, Претседателка на Секцијата на жени при ССМ.

Причините за ова нееднакво вреднување на пазарот на трудот се различни. Некои влечат корени и од застарени сфаќања што ја поставуваат жената во подредена позиција во општеството.

Професорката Ана Мартиноска врши истражувања во полето на културолошките и родовите студии и објаснува дека нерамноправноста лежи во таканаречената „втора смена“ за жената.

Работата дома, откако ќе се вратат, грижата за децата, за семејството, за домот, грижата за возрасните во семејството и натаму доминантно остануваат женска работа
Ана Мартиноска, професорка по родови студии


„Жената и натаму во културата останува примарно одговорна за семејството. Отсекогаш се сметало дека таа може да стапи во работни односи, да ја тера својата кариера паралелно со мажот. Кај нас многу често и за тоа да прима еднакви примања, но вториот дел, тоа што феминистките го нарекуваат втора смена, работата дома, откако ќе се вратат, грижата за децата, за семејството, за домот, грижата за возрасните во семејството и натаму доминантно остануваат женска работа“, истакнува Мартиноска.

Како едно од можните решенија за проблемот, познавачите го посочуваат покачувањето на законската минимална плата, како и колективните договори.

Колективните договори - едно од решенијата

„Колективните договори се најдоброто орудие што може да го реши овој проблем. И го решава“, посочува претседателката на Секцијата на жени при ССМ.

Но, за тоа да успее работниците треба имаат синдикати.

Најновите бројки од Државниот завод за статистика укажуваат дека од целокупната активна работна сила во Северна Македонија, само 39,9 отсто се жени


„Една од причините за овие родови јазови и нееднаквоста е токму малата синдикална организираност“, укажува Гелевска.

Но, проблемот има и друга страна. Најновите бројки од Државниот завод за статистика укажуваат дека од целокупната активна работна сила во Северна Македонија, само 39,9 отсто се жени.

Аналитичарите на пазарот се децидни, потребно е системско решение со кое на жените ќе им се олесни работното ангажирање. Тоа значи изградба установи како градинки и домови за стари лица, што ќе ја заменат несоодветно наметната обврска во домот.

Не смее да се занемари и едукацијата

„На децата во градинка треба да престанеме да им пееме песнички, тато на работа оди, а мама дома меси. Низ целиот образовен систем да им покажеме дека се подеднакво одговорни за секој сегмент од живеењето“, советува професорката Мартиноска.

Познавачите се согласни, состојбата со родовата еднаквост се подобрува, но има уште многу да се сработи.

XS
SM
MD
LG