Линкови за пристапност

Пред посетата на Родман, Северна Кореја го ослободи притворениот Американец


Но неговата посета покрена загриженост дека тој ќе биде искористен како марионета од режимот на Пјонгјанг

Северна Кореја го ослободи од затвор американскиот студент кој беше осуден на 15 години затвор, за обид да украде пропаганден постер, објави државниот секретар Рекс Тилерсон.

Во соопштението, Тилерсон вели дека Ото Вамбриер бил ослободен од затвор и патува за САД.

Во Токио, потсекретарот на Стејт департментот, Томас Шенон, потврди дека поранешниот кошаркар на НБА, Денис Родман во Северна Кореја патува приватно и рече: „Му посакуваме се` најдобро. Но, ние издадовме предупредувања за патувањето на Американци и сугериравме тие да не патуваат во Северна Кореја од безбедносни причини“.

Родман ја посетил Северна Кореја најмалку четири пати и разви пријателство со младиот лидер, Ким Јонг Ун, кој е фан на НБА, а посебно на Мајкл Џордан кој го предводеше тимот на „Чикаго булс“ во кој играше и Родман во 1990-тите години. Тој авторитарниот лидер го нарекува „маршал“, како и „неверојатно дете“. Тој рече дека целта на неговите поранешни патувања била да помогне во „отворањето на вратата“ на оваа изолирана држава.

Корисна фигура

Враќањето на Родман во Северна Кореја, дури и како граѓанин, предизвика загриженост дека тој ќе биде искористен како марионета за да ја зајакне позитивната слика за режимот на Ким.

Неофицијалната дипломатија на Родман, според аналитичарот Ентони Руџиеро од Фондацијата за одбрана на демократијата во Вашингтон, може да ги поткопа меѓународните напори за зајакнување на санкциите кон Пјонгјанг, кои беа воведени заради програмите за развој на нуклеарни и балистички проектили, како и поради кршењето на човековите права.

Во понеделникот, американскиот секретар за одбрана Џим Матис кажа дека севернокорејската ракетна и нуклеарна програма е „најитна“ закана по националната безбедност.

Притворени Американци

Запрашан за граѓаните на САД кои се притворени во Северна Кореја, Родман на новинарите на аеродромот во Пекинг им кажа дека мисли дека може да „направи нешто.“ Родман можеби одиграл клучна улога во ослободувањето на американскиот мисионер Кенет Бае, кој беше обвинет за „непријателски активности против државата“, и помина две години во работен логор во Северна Кореја.

Забрана за патување во Северна Кореја

Во минатото, поранешните претседатели Бил Клинтон и Џими Картер, исто така патуваа до Северна Кореја за да преговараат за ослободување на американски државјани. Во моментов во Северна Кореја се притворени тројца Американци.

Родман, исто така има врска со претседателот на САД Доналд Трамп, и два пати се појави на телевизиска програма каде Трамп беше домаќин. Во текот на минатогодишната изборна кампања, тој го пофали идниот претседател на Твитер.

Трамп порано искажа подготвеност да преговара со Ким Јонг Ун, велејќи дека под вистински услови ќе му биде „чест“ да се сретне со него, и го опиша младиот лидер како „мошне паметен“. Но, претседателот, исто така го опиша лидерот на Северна Кореја како „лудак со нуклеарно оружје.“

(Брајан Паден, Јуми Ким)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG