Ноќта помеѓу осми и деветти септември 1991 година, на три минути по полноќ во Скопје на свет дојде Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија. Неговото раѓање се случи кога на плоштадот „Македонија“ во Скопје со огномети се славеше прогласувањето на македонската независност изгласана преку референдум од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
„Христијан Проданов е првороденото дете во независна Македонија, по прогласување на државата за независна, односно на полноќ помеѓу 8-ми и 9-ти септември. Се родив три минути по полноќ и така всушност станав првиот Македонец во независна Македонија“, изјави тој за Гласот на Америка на македонски јазик.
Проданов вели дека убаво е чувството да се слави роденден заедно со државата во која што си роден.
„Според мене, Македонија се движи некако надоле, со сите случувања што се случуваат во земјава и со сите надворешни работи колку што следам. Не дека сум нешто упатен, меѓутоа мислам дека треба да дојде некој постабилен човек кој што ќе ја води Македонија кон поубав пат, кон посветол пат и мислам дека треба еднаш веќе да се издигнеме над сите“, вели тој.
Но, за разлика од многумина негови врсници кои ја напуштиле државата во потрага по подобри услови за живот, тој решил да остане тука.
„Сметам дека има простор за напредок, има простор за раст овде, има простор за одржување на некоја работна стабилност за можеби започнување на свој бизнис во државата, така што би им порачал на сите кои што размислуваат да си отидат од државата, зборуваме за подолго заминување, можеби за постојано заминување, да размислат поубаво и да најдат нешто што ќе ги задржи тука“, рече Проданов.
Инаку, Христијан по професија е инженер, но јавноста го познава како музичар, спортист, но и како „суперхерој“ на маратонските трки, за како што вели тој, да ја збогати и разубави нивната организацијата, да направи да им биде интересно на публиката, но и да му биде полесно да ја истрча дистанцата од 21.000 метри.
Facebook Forum