Линкови за пристапност

Робот-придружник на постарите


Постарите граѓани, на 65 години и постари, до 2035-та година за прв пат ќе го надминат бројот на децата во САД, велат од Бирото за попис на населението во САД. Со зголемувањето на бројот на постарите лица, расте и побарувачката за нивна нега.

Компанијата „Сенкура“ (SenCura) изминативе 12 години обезбедува немедицинска грижа за овој сегмент од населението во Северна Вирџинија. Основачот Клиф Глиер, вели дека неговите услуги „вклучуваат капење, облекување, дружење, планирање оброци и подготовка и транспорт, речиси се` што е во и околу домот, каде на постарите обично им е потребна помош“.

Холи, една од професионалните старатели, вработени во компанијата, секојдневно ја посетува 88-годишната Олга Робертсон и останува со неа по три часа. И` готви, ја носи на прегледи, ја анимира.

Но, кога Холи не е таму, Робертсон и натаму има друштво - роботот наречен Руди. „Можете да разговарате со него, кажува шеги, игра игри, може да танцува“, вели таа.

Покрај тоа што обезбедува ментален и физички ангажман, Руди нуди и пристап до службите за итна помош 24 часа на ден, и ја потсетува Олга дека е време за нејзиниот лек. Роботот е висок околу еден метар, а има вградено и дигитален екран, за виртуелни разговори со семејството и медицински лица.

Ентони Нунез е основач на INF Robotics, стартап компанија – креатор на Руди. Тој вели дека идејата за еден ваков робот се родила откако согледал низ што поминала неговата мајка, кога на баба му и` била потребна помош.

„Постојат илјадници семејства кои се соочуваат со истото прашање. Проблем се и трошоците. Целта ни` беше да дизајнираме робот кој е лесен за употреба, специјално наменет за постарите, но и со достапна цена“, вели Нунез.

Компанијата воедно се консултира со потенцијалните муштерии, за да одреди какви перформанси ќе содржи „роботот-старател“.

Вообичаено роботи како Руди се ангажирани за лица на меѓу 80 и 100-годишна возраст.

„Руди не е конкуренција за грижата за човекот“, велат од INF Robotics. „Тука е да помогне во основните потребни на постарите лица“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG