Линкови за пристапност

Роберт Кенеди Џуниор најави кандидатура за претседател на САД


(Ројтерс) - Роберт Ф. Кенеди Џуниор, член на познатата американска политичка династија, објави дека ќе биде противкандидат на актуелниот претседател Џо Бајден, објавувајќи ја својата кандидатура претседател на САД како демократска номинација.

69-годишниот Кенеди, кој е познат како активист против вакцини, се соочува со мали шанси за успех, но неговата кампања може да послужи како платформа за промоција на тврдењата дека имунизациите во детството претставуваат здравствен ризик - теорија која е дискредитирана од повеќе научни истражувања.

На митингот во Бостон, Кенеди не ги спомна вакцините ниту ја доведе во прашање нивната ефикасност. Тој рече дека ќе му даде приоритет на истражувањето за хронични болести доколку биде избран за претседател.

„Ова е осакатување за средната класа на оваа земја. Треба да откриеме што е тоа“, рече тој.

На Кенеди му е забранет пристапот на Јутјуб и Инстаграм поради ширење дезинформации за вакцините и пандемијата на ковид-19.

Тој е внук на поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди, кој беше убиен во 1963 година, и син на поранешниот американски сенатор Роберт Ф. Кенеди.

Кенеди се повика на својот татко и чичко, но исто така призна дека многу сегашни членови на поширокото семејство не ја поддржуваат неговата претседателска кандидатура.

Неговиот активизам против вакцините му донесе сојузници од десницата. Во 2017 година, тогашниот републикански претседател Доналд Трамп го повика да го надгледува панелот за ревизија на вакцините, поттикнувајќи критики од научници кои рекоа дека тоа може да го легитимира неоснованиот скептицизам.

За време на пандемијата на ковид-19, Кенеди ги критикуваше барањата за социјално дистанцирање и сертификатите за вакцини. На митингот во јануари 2022 година во Вашингтон, тој посочи дека Американците имале помалку слободи за време на пандемијата од Евреите што живееле во нацистичка Германија. Тој подоцна се извини за неговите изјави.

Демократската кандидатка за претседател на изборите во 2020 година Маријана Вилијамсон, исто така, рече дека ќе го предизвика Бајден на следните избори.

Бајден минатиот петок изјави дека повторно ќе се кандидира за претседател, но оти формалната објава ќе биде „релативно наскоро“.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG