Линкови за пристапност

Ризик од маларија оти комарците мигрираат поради климатските промени


Како што планетата се загрева, комарците полека мигрираат, како и можноста за пренесување маларија.

Научниците сега се загрижени дека луѓето кои живеат во области кои некогаш биле непогодни за инсектите, вклучувајќи ги падините на планината Килиманџаро и планините во источна Етиопија, може да бидат изложени на болеста.

„Како што станува потопло на повисоки надморски височини со климатските промени и сите овие други промени во животната средина, тогаш комарците можат да преживеат повисоко на планината“, рече Маниша Кулкарни, професор и истражувач кој ја проучува маларијата во субсахарска Африка на Универзитетот во Отава.

Кулкарни ја предводеше студијата објавена во 2016 година, според која живеалиштето за комарци кои носат маларија се проширило во регионот на планината Килиманџаро.

Спротивно на тоа, пониските височини стануваат премногу жешки за бубачките.

Африканскиот регион, кој го проучувал Кулкарни, и кој се зголемува по население, е блиску до границата на Танзанија и Кенија.

Заедно, двете земји учествуваа со шест отсто од глобалните смртни случаи од маларија во 2021 година.

Глобалните смртни случаи од маларија се намалија за 29 проценти од 2002 до 2021 година, бидејќи земјите преземаа поагресивни тактики во борбата против болеста.

Сепак, бројките остануваат високи, особено во Африка каде што децата под 5 години сочинуваат 80 осто од сите смртни случаи од маларија.

Последниот светски извештај за маларија од Светската здравствена организација забележа 247 милиони случаи на маларија во 2021 година - Нигерија, Демократска Република Конго, Уганда и Мозамбик сочинуваат речиси половина од тие случаи.

„Врската помеѓу климатските промени и експанзијата или промената во дистрибуцијата на комарците е реална“, вели Даг Норис, специјалист за комарци од од Џонс Хопкинс, кој не бил вклучен во истражувањето.

Но, комарците се пребирливи за нивното живеалиште, додаде Норис, а различните видови носители на маларија имаат различни преференции во температурата, влажноста и количината на врнежи.

Џереми Херен, кој ја проучува маларијата во Меѓународниот центар за физиологија и екологија на инсекти со седиште во Најроби, рече дека има докази дека климатските промени влијаат на тоа каде популациите на комарци избираат да живеат.

Но, рече тој, сè уште е тешко да се предвиди како маларијата ќе се шири.

На пример, во Кенија, Херен рече дека истражувачите документирале „масивни промени“ во маларијата кај комарците.

Вид кој некогаш бил доминантен сега е речиси невозможно да се најде, рече тој.

Но, тие промени веројатно не се должат на климатските промени, рече тој, додавајќи дека ширењето на мрежи третирани со инсектициди е едно од објаснувањата за таа промена.

Генерално, сепак, комарците растат побрзо во потопли услови, рече Норис.

Памела Мартинез, истражувач на Универзитетот на Илиноис, рече дека наодите на нејзиниот тим за трендовите на маларија во Етиопија, кои беа објавени во 2021 година во списанието „Нејчр“ ја поддржа идејата дека маларијата и температурата - и затоа, климатските промени - се поврзани.

„Гледаме дека кога температурата се намалува, целокупниот тренд на случаи исто така се намалува, дури и во отсуство на интервенција“, рече Мартинез.

„Тоа го докажува случајот дека температурата има влијание врз преносот“.

XS
SM
MD
LG