Линкови за пристапност

Дипломат на САД поднесе оставка во советодавен одбор за Мјанмар


Поранешниот американски амбасадор во ОН Бил Ричардсон, притоа ја обвини лидерката на Мјанмар Ан Сан Су Чи, за недостиг на „морално лидерство“

Поранешниот американски дипломат Бил Ричардсон, поднесе оставка на функцијата советник од меѓународниот одбор на Мјанмар, одговорен за кризата со Рохинџа, обвинувајќи дека одборот не бил посветен на промени во оваа земја во Југоисточна Азија.

Оставката на Ричардсон се случува среде првата посета на одборот во западната држава Рахин, каде последниве пет месеци речиси 700.000 муслимани Рохинџа избегаа од воената операција против бунтовниците во областа.

Ричардсон додаде дека де факто лидерката на Мјанмар Ан Сан Су Чи, има недостиг од „морално лидерство“.

Ричардсон изјави дека со Су Чи влегле во расправија, кога тој го споменал случајот со двајцата новинари на Ројтерс кои известувале за кризата, а на кои сега им се суди под обвинение за кршење на законите за заштита на државните тајни.

Според американскиот дипломат, Ан Сан Су Чи рекла дека прашањето не е работа на одборот, по што наводно првично таа била мошне лута, а расправијата продолжила во текот на денот.

Новинарите беа уапсени од полицијата на 12-ти декември во Јангон, за наводно поседување тајни документи кои се однесувале на безбедносната ситуација во Рахин.

По напуштањето на функцијата, Ричардсон имаше остри зборови и за претседателот на одборот, велејќи дека одборот немал агенда и бил без план за решавање на одредени прашања поврзани од безбедноста, па се` до државјанство.

Портпаролката на Стејт департментот изјави дека оставката на Ричардсон и неговите причини да го стори тоа „се причина за загриженост“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG