Линкови за пристапност

Се стеснува листата на републикански претседателски кандидати


Аналитичарите веруваат дека ова е трка меѓу тројца - Рубио, Трамп и Круз

Американскиот милијардер и бизнисмен со недвижности, Доналд Трамп, и сенаторот од Тексас, Тед Круз, со месеци се однесуваат како да се партнери, а не ривали додека се борат да бидат номинирани од Републиканската партија за кандидати.

Но, за време на претседателската дебата во четвртокот во Јужна Каролина, двајцата кандидати кои ги заземаат првите две позиции во повеќето национални истражувања на јавно мислење, беа мошне непријателски настроени еден кон друг.

За време на две и пол часовната национална телевизиска дебата, Трамп и Круз во неколку наврати се судрија, а на моменти покажаа и емоции во обидот да ја добијат поддршката на гласачите на Републиканската партија.

Круз исто така имаше серија енергични вербални дуели со сенаторот на Флорида Марко Рубио, кубански-Американец кој е на третото место во повеќето анкети.

Другите четворица на сцената, гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи, гувернерот на Охајо Џон Касик, пензионираниот неврохирург Бен Карсон и поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш се бореа да остават белег на дебатата.

„Имаме тројца победници на оваа дебата: Рубио, Трамп и Круз“ кажа за Гласот на Америка Форд О`Конел, републикански стратег и поранешен советник на кампањата на сенаторот Џон МекКеин за време на претседателската трка во 2008 година.

„Дебатата не ја промени перцепцијата дека полето кај републиканците се стеснува. Како што се одвиваат работите, изгледа дека ова ќе биде трка помеѓу тројца“, рече тој.

Иста е проценката и на Такер Ескју, политички стратег од Јужна Каролина кој работел за поранешниот претседател Џорџ Буш.

„После оваа дебата мислам дека ќе има зацврстување на поддршката за главните кандидати и опаѓање на поддршката за оние кои не се меѓу првите тројца или четворица“изјави Ескју за Гласот на Америка.

Учесниците на дебатата се фокусираа и на фаворитката на листата претседателски кандидати од Демократската партија, Хилари Клинтон.

Буш посочи на скандалот со употребата на приватна електронска адреса за време на мандатот на Клинтон како државна секретарка, велејќи дека тоа може да ѝ го одзема вниманието доколку стане претседателка.

„Ако таа биде избрана, нејзините први 100 дена наместо да ги посвети на поставување на агендата, таа може да биде принудена да го минува времето одејќи од Белата куќа до судот и назад“, рече Буш што беше поздравено со аплауз од публиката.

Буш, кој се сметаше за фаворит во републиканскиот политички круг, загуби голем дел од поддршката и сега е на дното на листата според многу истражувања на јавно мислење.

Аналитичарите предвидуваат дека Буш и останатите кандидати кои се ниско котирани ќе се изгубат со почетокот на гласањето.

XS
SM
MD
LG