Линкови за пристапност

Пред четврта дебата на републиканците


Овојпат на сцената ќе бидат само осум кандидати, со најмалку 2,5 проценти поддршката на национално ниво.

Главните претседателски кандидати од редовите на Републиканската партија ќе ја одржат нивната четврта дебата во Милвоки, Висконсин, по променливите податоци за поддршка од анкетите и зголемените меѓусебни реторички напади. Во фокусот на оваа дебата ќе бидат првите осум рангирани кандидати, врз основа на минималниот рејтинг од најмалку 2,5 проценти, според најновите истражувања на јавното мислење.

Гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, и поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, се во подредена позиција и се наоѓаат во таканаречената „второстепена“ дебата, додека сенаторот Линдзи Грем од Јужна Каролина и поранешниот гувернер на Њујорк, Џорџ Патаки, не се квалификуваа за ниту една од двете.

Вечерашната дебата е спонзорирана од Бизнис мрежата Фокс и ќе се фокусира на економијата. Но, најголемо внимание најверојатно ќе биде ставено на двајцата фаворите во моментов, Доналд Трамп и Бен Карсон. Карсон е во дефензивна позиција заради прашања од неговото минато за кои нема поткрепа со факти.

Карсон кажа дека сака да се фокусира на нечесниот третман од страна на медиумите. „Сите вие коишто се обидувате да надодадете на обвинувањата, всушност ми помагате, бидејќи кога одам на потпишувањата на книгата, илјадници луѓе ми велат да не дозволам медиумите да ме соборат.

Доналд Трамп беше повторно во центарот на вниманието, како водител на популарната сатирична емисија на телевизијата НБЦ, „Сабота навечер, во живо“, дури и додека демонстранти, против неговите ставови, излегоа на улиците. Емисијата е многу гледана последниве години, но многу критичари неговиот настап го оценија како здодевен.

Најновите анкети покажаа дека Трамп и Карсон се на врвот на листата според поддршката од потенцијалните кандидати, а сенаторот од Флорида Марко Рубио и сенаторот од Тексас, Тед Круз се зад нив. Рубио се сметаше за победник по минатомесечната републиканска дебата, иако повеќето од кандидатите се пожалија дека прашањата од водителите на дебатата биле со предрасуди и нефер.

Дебатата ќе биде тест за Џеб Буш, којшто бележи пад на рејтингот во неодамнешните анкети и останува фокусиран на освежување на својата кампања.

Новата авторизирана биографија на неговиот татко, поранешниот претседател Џорџ Херберт Вокер Буш, го врати во фокусот непопуларното претседателствување на неговиот брат, Џорџ Вокер Буш и сега треба да се извлече од тоа, велат некои аналитичари.

Падот на рејтингот на Буш, отвори место за други кандидати од естаблишментот. Дадена им е можност на сенаторот од Флорида, Марко Рубио и гувернерот на Охајо, Џон Касик.

XS
SM
MD
LG