Линкови за пристапност

Помалку учесници на републиканска дебата


Пол и Фиорина нема да бидат дел од групата кандидати за главната дебата во четвртокот

Сенаторот од Кентаки, Ранд Пол, најави дека воопшто нема да биде дел од републиканската дебата, откако беше објавено дека тој и Карли Фиорина нема да бидат вклучени во главната група на кандидати.

Фокс Бизнис објави дека одлучиле да ги отстранат Пол и Фиорина од таканареченото „највисоко ниво“, група на кандидати кои ќе се сретнат на главната дебата во Чарлстон, Јужна Каролина затоа што имале најниски рејтинзи во предизборните анкети.

Пол изјави дека ја одбил и поканата на Фокс Бизнис да биде дел од дебатата која ќе се одржи порано истата вечер.

„Според секој разумен критериум сенаторот Ранд Пол има најсолидна кампања“ се вели во соопштението од неговиот тим. „Тој нема да дозволи медиумите да одлучат за нивото на неговата трка и наместо тоа, тој директно ја испраќа својата порака до гласачите во Њу Хемпшир и Ајова“, првите две сојузни држави каде што републиканските гласачи ќе го направат својот избор за претседателски кандидат за време на општите избори кои ќе се одржат во ноември.

Седумте кандидати од Републиканската партија кои ќе бидат дел од дебатата на главната сцена во четвртокот се: бизнисменот со недвижности Доналд Трамп, сенаторот од Тексас Тед Круз, сенаторот од Флорида Марко Рубио, пензионираниот неврохирург Бен Карсон, гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи, поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш и гувернерот на Охајо Џон Касич.

Освен Фиорина и Пол, Фокс Бизнис објави дека на дебатата која ќе се одржи пред главната дебата можно е да бидат вклучени и поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби и поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум. Останатите републиканци кои беа дел од претходните дебати веќе ја напуштија трката.

Од Фокс Бизнис велат дека изборот го направиле врз основа на „двете национални анкети како и оние во Ајова и Њу Хемпшир, спроведени и објавени пред 11-ти јануари.“

XS
SM
MD
LG