Линкови за пристапност

Проверка на фактите по дебатата на републиканците


Каде кандидатите погрешиле, каде претерале, и каде не ја кажале вистината

За време на републиканската дебата која се одржа во Де Моин, Ајова во четвртокот, имаше вжештена атмосфера и обвинувања и покрај неприсуството на фаворитот Доналд Трамп на настанот.

Едно од најспорните прашања за кандидатите беше прашањето за имиграцијата.

Модераторката на Фокс Њуз, Меган Кели, искористи неколку видео клипови на кои се гледа дека сенаторот на Флорида Марко Рубио го менува својот став околу имиграцијата.

Тој беше запрашан да се изјасни за ставот околу противењето за одобрување амнестија на имигрантите во САД кои немаат валидни документи, позиција што ја имал за време на неговата кандидатура во Сенатот во 2010-та година и за поддржувањето на законот во Сенатот во 2013-та година со кој на овие луѓе им се овозможува да дојдат до американско државјанство.

Кели праша: „Зарем ова не е доказ дека не може да Ви се верува во врска со ова прашање?“

Рубио не прифати дека го има променето својот став по прашањето, и покрај тврдењето на поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш кој рече дека Рубио барал негова поддршка за донесување на законот.

Негирајќи ги претходните ставови, Рубио рече дека тој не поддржува давање можност за добивање американско државјанство на скоро 11 милиони имигранти во САД кои немаат документација. Рубио, син на имигранти од Куба, изјави дека тој не е анти-имигрантски настроен туку поддржува легална имиграција.

Исто прашање за Круз

Кели покажа видео клипови за сенаторот на Тексас, Тед Круз во кој се гледа како тој го поддржува донесувањето на законот на Рубио во 2013-та година, како и неколкуте амандмани кои тој ги понудил за законот, што е во спротивност на неговите сегашни тврдења дека никогаш не ги поддржувал.

Како одговор, Круз тврдеше дека неговите амандмани биле обид да се осигура дека недокументираните имигранти нема да добијат легален статус во САД.

„Фактот што секој амандман не го реши секој проблем (во законот) не значи дека јас го поддржував останатиот дел на предлог-законот“ се бранеше тој.

Кандидатите имаа обемни изјави за прашањето околу борбата на САД против Исламската држава.

Рубио и Круз ја критикуваа администрацијата на Обама. Рубио го обвинуваше претседателот за намалување на големината на војската и Круз изјави дека Обама „драматично ја деградира“ армијата.

Овие коментари станаа рефрен за републиканските кандидати. Но, сумата на потрошени пари за модернизирање на оружјето е отприлика иста како и во времето на претседателствувањето на Џорџ Буш, извести Асошиетед прес.

Додека Одделот за одбрана го намалува воениот буџет последните години, овие кратења се резултат на секвестрација – буџетско средство што се употребува кога законодавците од обете партии не можат да се договорат за преглог-закон за трошење, што значи дека двете партии имаат удел во вината, според Politifact.com

Кратењата исто така биле одобрени базирано на предлозите од Одделот за одбрана, кои утврдуваат од кој вид на опрема повеќе нема потреба, велат од Асошиатед прес.

Вооружување на курдите

Во врска со борбата против ИД, Круз го обвинува претседателот Обама за „невооружување на Курдите“.

Но, според Асошиатед прес, САД додели значајна количина на оружје и друг вид на опрема како помош на курдите во борбата против ИД. Според договорот со владата на Ирак, опремата се бара да биде испратена до владата на Ирак, која понатаму ја распределува помеѓу ирачките и курдските трупи.

Во врска со документот за здравствена реформа достапна за секого, или популарно Обамакеар, Круз се повтори по којзнае кој пат дека тоа е „убиец на работни места“ и дека луѓето „го изгубија своето здравствено осигурување, ги загубија своите лекари, и дека премијата вртоглаво се зголемува.“

Во врска со работните места, статистиката на Бирото за труд порано месецов изјави дека стапката на невработеност се држи на пет проценти. Кога Обама го потпиша законот за здравствена заштита во март 2010 година, стапката на невработеност на национално ниво беше 9,9 проценти. Во текот на тој период, економијата додаде повеќе од 13 милиони работни места.

Во врска со здравственото осигурување, бројот на Американци без здравствено покривање достигна рекордно ниско ниво од девет проценти во 2015-та година, според владиното национално здравствено истражување.

Обвинувањата на Трамп

Иако тој не беше на сцената со своите колеги, кандидати од Републиканскат апартија, Трамп го изнесе своето мислење околу американскиот трговски дефицит со Кина.

„Кина, оваа година од трговијата ќе направи над 500 милијарди долари во однос на нашиот трговски дефицит. Тоа не е партнерство, а јас сум слободен трговец. И многу ја сакам слободната трговија. Но, мора да бидеме паметни. “ изјавил тој, според Асошиатед прес.

Сепак, Асошиатед прес вели дека Трамп треба да си ги провери бројките. Богатиот бизнисмен очигледно мисли на вкупниот трговски дефицит на САД со секоја земја во светот, што изнесува околу 508 милијарди долари во 2014-та година. Оваа бројка е за една четвртина помалку отколку што беше во 2006-та година, кога трговскиот дефицит беше 762 милијарда долари, според податоците на Бирото за попис.

Во 2014-та година трговскиот дефицит со Кина беше 343 милијарда долари што е значително помалку од тврдењата на Трамп, според Асошиатед прес.

XS
SM
MD
LG