Линкови за пристапност

Македонија на 123-то место според слободата на медиумите


На листата од 180 земји во Индексот на слободата на печатот 2014-та на Репортери без граници.

Во најновиот Индекс на слободата на печатот на организацијата Репортери без граници што опфаќа 180 држави, Македонија се наоѓа на 123-тото место. Ова претставува пад од шест места во споредба со претходниот годишен извештај. Од регионот, Македонија Црна Гора и Турција спаѓаат во категоријата земји што се „во тешка состојба“, додека останатите се едно скалило погоре, во категоријата „со забележливи проблеми“. Од непосредните соседи, Србија е 54-та (бележи напредок од 10 места), Косово - 80-то (напредок од 6 места), Албанија 85-та (напредок од 18 места), Грција 99-та (пад од 14 места), а Бугарија 100-та (пад од 12 места).

Во делот за Македонија стои дека иако земјата се зафатила со реформи што треба да ја стават на патот на Европската унија, „фасадата на демократија во изминатите неколку години не може да ги сокрие бројните прекршувања на слободата на инфомации“. Репортери без граници наведува дека случајот со новинарот Томислав Кежаровски стана симбол на ваквите прекршувања и дека откако беше осуден на четири и пол години затвор за откривање на име на заштитен сведок во судски случај за убиство, затворската казна беше преиначена во куќен притвор како резултат на меѓународен притисок. Но, наредниот ден откако се случи тоа, стои понатаму во извештајот, „друг македонски новинар, Зоран Божиновски, беше уапсен во Србија по потерница од Интерпол за шпионажа. Познат како „македонскиот Џулијан Асанж“, Божиновски е автор на голем дел истражувачки стории за Сашо Мијалков, директорот на македонското разузнавање и роднина на премиерот Никола Груевски“.

Глобално, на листата оваа година, како и минатата, водат Финска, Холандија и Норвешка, а на дното се Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја. САД бележат пад од 13 места и се 46-ти на листата, а извештајот меѓу причините ги наведува пресудата за Бредли Менинг и гонењето на Едвард Сноуден.

Индексот на слободата на печатот на Репортери без граници се подготвува според шест генерални критериуми: плурализмот, независноста на медиумите, медиумската средина и автоцензурата, правната рамка, транспарентноста и медиумската инфраструктура.
XS
SM
MD
LG