Во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со почитувањето на верските слободи во светот се посочува дека Уставот на Северна Македонија забранува верска дискриминација и предвидува слобода на религијатa и религиозното изразување. Уставот предвидува еднаквост пред законот за сите лица без оглед на верскaта определба.
Годишниот извештај, кој го опишува статусот на верските слободи во секоја држава во светот, го презентираше државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
„Една од добрите работи што ги правиме во оваа администрација е нашата посветеност на заштитата на верските слободи ширум светот. Минатата недела, претседателот Трамп ја потпиша првата извршна наредба со која се упатува целата американска влада да ѝм даде приоритет на верските слободи“, рече Помпео.
Тој рече дека позитивен исчекор во заштитата на верските права и слободи е нотиран во Гамбија, Обединетите арапски емирати и Узбекистан.
„Но, постои и голема темнина над делови од светот каде што верниците се прогонуваат или им е ускратено правото на практикување на религијата“, рече Помпео, посочувајќи дека властите на Никарагва ги заплашуваат верските водачи, додека во Нигерија, ИСИС и Боко Харам продолжуваат да ги напаѓаат и муслиманите и христијаните. ИСИС обезглавил 10 христијани во таа земја само минатиот декември.
Помпео рече дека и во Кина, државната репресија против сите религии продолжува да се засилува. „Кинеската комунистичка партија ѝм наредува на верските организации да се покорат на раководството на Комунистичката партија и да ја внесат комунистичката догма во нивните учења и религиозни практики. Продолжуваат масовните затворања на Ујгурите во Ксинџијанг. Исто така, репресијата на Тибетанците и Будистите, Фалун Гонг и христијаните“, рече Помпео.
Од Европа Помпео ја извои Албанија поздравувајќи го меѓу-партискиот договор за изборни реформи, што „ќе ја зајакне нејзината демократија и дополнително ќе ја зацврсти европската иднина на Албанија. Ги охрабруваме сите засегнати страни да го кодификуваат овој политички договор.“
Американскиот Стејт департмент ги доставува извештаите до Конгресот во согласност со Законот за меѓународна верска слобода од 1998 година.
Резимето за Сeверна Македонија во извештајот за 2019 година нотира дека Уставот наведува пет религиозни групи кои автоматски добиваат ослободувања од данок, додека другите верски групи мора да се регистрираат за да ги добијат истите придобивки.
Се наведува дека пријавите за регистрација од страна на Православната охридска архиепископија и Бекташката заедница (Тетово) остануваат отворени во очекување на одлука на скопскиот Основен суд II, по извештајот на Европската комисија со кој се повикува владата да изврши усогласување со претходната пресуда на Европскиот суд за човекови права дека владата треба да ги преиспита своите претходни одбивања на апликациите на овие групи.
Бекташката заедница (Тетово), повторно пријавила вознемирување на своите членови од владата и Исламската верска заедница во Северна Македонија.
ИВЗ соопшти дека владата продолжила да ја фаворизира Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а помалите религиозни групи продолжиле да пријавуваат нееднаков третман на владата споредено со петте уставно именувани групи, стои во извештајот.
Во април, откако Основниот суд Скопје II го призна имaмот кој ИВЗ го разреши, ИВЗ обвини за „обид за пуч“ и ја обжали пресудата до Апелациониот суд во Скопје, кој во октомври случајот го врати во Основниот суд. Понискиот суд ја врати својата претходна одлука, оставајќи го на функција постојното раководство на ИВЗ.
Се нотира и дека во септември непознати лица се обиделе да го нападнат основачот на Верската заедница на православни Албанци, кои обвинувале за неефикасна истрага на владата за претходниот напад.
Извештајот забележува дека постои корелација помеѓу етничката и верската припадност: мнозинството православни христијани се етнички Македонци, а повеќето муслимани се етнички Албанци. Повеќето Роми и речиси сите етнички Турци и етнички Бошњаци се муслимани, а повеќето етнички Срби и Власи се православни христијани. Исто така, постои корелација помеѓу верската и политичката припадност, односно политичките партии во најголем дел се поделени по етнички линии.
Уставот забранува верска дискриминација и предвидува еднаквост на правата за сите граѓани без оглед на верското уверување. Овозможува слобода на религијата и право на поединците слободно и јавно да ја изразуваат својата вера, индивидуално или со други. Обезбедува заштита на верскиот идентитет на сите заедници.
Во извештајот се наведува ангажманот на претставници на американската амбасада и американската влада заедно со владини претставници, за да разговараат за верските слободи и толеранција, вклучително и за, како што стои во извештајот, „подобрената меѓуверска соработка и владиното почитување и еднаков третман на верските групи.“
Facebook Forum