Линкови за пристапност

„Клима на нетолеранција“ во светот во однос на глобалните религиозни слободи


Американскиот државен секретар рече дека верската слобода во светот е национална безбедносна грижа за САД.

САД велат дека правото на глобална религиозна слобода било предизвикано минатата година, зашто владите често креирале „клима на нетолеранција“ што водело кон омраза и насилство.

Во својот годишен извештај, Стејт департментот во понеделник кажа дека на владини претставници во цел свет често им е дозволено да постапуваат неказнето додека ги прекршуваат верските слободи на луѓето во нивната држава. Извештајот вели дека често нееднакво се спроведуваат законите за верска слобода и се воведуваат нови ограничувања.

Државниот секретар Џон Кери кажа дека верските слободи се „право стекнато со раѓање на секое човечко суштество“, но истото е често ограничувано.

Главниот американски дипломат рече дека верската слобода низ светот е национална безбедносна грижа за САД.

„Кога државите ќе ја погазат или нападнат верската слобода, тие не само што неправедно ги третираат оние на кои целат, туку се закануваат и на стабилноста на својата сопствена држава. Тоа го гледаме на многу места. Нападите на верските слободи затоа се морална грижа, но и грижа за стратешката национална безбедност на САД“, рече Кери.

Тој кажа дека Стејт департментот нашол загрижувачко зголемување на антисемитизмот и назначил нов помошник да го следи проблемот. Извештајот цитира прекршувања во неколку држави, особено во Венецуела, Египет и Иран.

Кери кажа дека има пораст на бројот на закони за богохулење и промена на верски убедувања кои често ги нарушуваат верските слободи и се применуваат на дискриминаторски начин. Извештајот ги издвојува Саудиска Арабија, Египет, Либија, Тунис, Иран и Еритреја за водење случаи против поединци кои ги обвинува за богохулење.

Извештајот Христијаните ги нарече „водечка цел за социјална дискриминација и злоставување во некои делови на светот. Но тој исто така кажа дека Муслиманите, особено малцински ограноци на Исламот , исто така страдале, особено ако се сметаат од мнозинството „еретички и туѓи“.
XS
SM
MD
LG