СКОПЈЕ – Од половина до 3,16 проценти е намалувањето на цената на парно греењето за корисниците во Скопје додека за градинките, училиштата и другите објекти кои не се домаќинства парното поевтинува од 17 до 40 проценти во зависност на која топлана се приклучени.
Регулаторната комисија денеска соопшти дека од 1 август корисниците на парно греењето во Скопје ќе добиваат пониски сметки. Домаќинствата приклучени на ЕСМ ќе добијат 3,16 отсто пониски сметки, за 1,71 отсто се намалува цената кај за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика. Кога станува збор за деловните корисници речиси 1.200 фирми, училиштата и институции сметките поевтинуваат за 17,3 отсто кај оние приклучени на ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто за приклучените на ЕСМ Енергетика.
Она што е клучно е дека новата цена од 1 август е пресметана без државните субвенции. Доколку продолжи субвенционирањето на сметките за парно греење намалувањето на цената би било 17,35 отсто.
„ Доколку продолжат субвенциите намалувањето би било за 17,35 отсто. Регулаторната комисија цени дека во моментов влегуваме во стабилизација, природниот гас се враќа во очекувана нормала и дека нема потреба од субвенции. Субвенциите несомнено помогнаа да се амортизираат ефектите од енергетската криза и од пандемијата. Ова е одличен период за енергетските компании финансиски да се стабилизираат и консолидираат и да стартуваат со реализација на инвестициски проекти, како и зафати за рехабилитација на инфраструктурата“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија.
Дел од компаниите претходно побараа од регулаторите поскапување до 50 отсто но регулаторите не го прифатиле барањето за поскапување бидејќи се темелело на зголемување на бројот на вработени во компаниите кои ги снабдуваат граѓаните со топлинска енергија.
Бислимоски повторно апелираше до ЕСМ да го постават топловодот под мостот „Беласица“ кој беше опожарен пред повеќе од една година, за да нема проблеми со испорака на топлинска енергија на пониски температури, а со непоставување ќе се оптерети системот високи трошоци.
„Цевката на мостот „Беласица“ не е во функција, тоа е фактичката состојба која ја имам како информација во моментов. Една година помина за оваа операција да биде завршена. Алармираме до пред стартот на грејната сезона како се знае и умее јавниот интерес да биде испочитуван и цевката да биде функционална. Каква зима ќе имаме никој не знае, дали ќе биде блага или со минусни температури. Алтернативниот цевковод е со помал капацитет и доколку има студена зима ќе има проблеми во снабдувањето на најголемиот дел потрошувачи во Скопје доколку навреме не биде поставен цевководот под „Беласица“, рече Бисломовски.
За период од две години со стартот на кризата за субвенции за топлинска енергија потрошени биле околу 12 милиони евра.
Грејната сезона почнува на 15 октомври а на системот за парно греење во Скопје се приклучени 64 илјади домаќинства.
Facebook Forum