Линкови за пристапност

Продолжуваат обидите на бегалците да стигнат во Западна Европа


Прифатните центри за бегалци во Северна Македонија се речиси празни, но на границата со Грција, на патиштата и, како новина - во товарните возови кон север, очевидците секојдневно забележуваат раздвиженост на бегалците...

Центарот за управување со кризи во денешниот извештај испратен на барање на Гласот на Америка на македонски јазик, соопшти дека во транспортниот центар во Табановце на македонско-српската граница, престојуваат само тројца бегалци од кои две малолетни лица, а во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, на македонско-грчката граница, 26 бегалци и економски мигранти.

Официјално, од почетокот на летото, двојно се зголемени обидите за илегално преминување на грчко-македонската граница, во однос на минатата година.


Ваквите податоци ги потврдуваат ставовите на дел од безбедносните експерти во Северна Македонија, кои сметаат дека, иако балканските земји треба да бидат претпазливи, сепак, не може да се повтори ескалацијата од 2015, поради контролите и во Турција и во Грција, од каде би требало да пристигне евентуалниот нов бран бегалци. Но, ретките бегалци, кои се согласуваат да зборуваат со новинарите, деновиве посочуваат дека ги користат поволните временски прилики и дека се обидуваат да стигнат до Србија, преку Северна Македонија, поради сè потешките услови за престој во исполнетите грчки прифатни центри.

Така, групи бегалци речиси секојдневно минуваат низ Северна Македонија, а за тоа сведочат и податоците на македонското МВР и на Царинската управа - за уапсените локални шверцери и за нивните жртви, само за оној дел од бегалците/мигранти кои биле спречени во нивните заложби. Според МВР, од јануари до јуни годинава се откриени 33 случаи во обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти, а мерки на прогон се преземени против 44 лица за сторени 24 дела - криумчарење мигранти, но бројот на спречени обиди за криумчарење мигранти е зголемен за 42 отсто во однос на истиот период лани.

Викендов, на автопатот Куманово – граничен премин Табановце, полицијата се обидела да сопре две возила „порше“ и „ауди А8“, но возачите се обиделе да избегаат. По сопирањето и проверката, биле пронајдени 16 мигранти (меѓу кои двајца малолетници), петмина од Пакистан, шестмина од Еритреја и петмина од Непал, сите без валидни документи. Ноќта меѓу четвртокот и петокот, по полноќ, двајца мигранти од Авганистан биле повредени во сообраќајна несреќа во кумановско, кога возилото на шверцерите „БМВ“, удрило во полициско возило и потоа избегало од местото на настанот. Мигрантите биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Претходниот ден, на автопатот Куманово – Скопје бил преведен скопјанец на возраст од 47-годишен скопјанец, додека од неговото возило, излегувале десетмина мигранти од Сирија.

На 30-ти август на автопатот Куманово-Табановце, кај селото Костурник, мобилна екипа на Царинската управа во автомобил со скопска регистрација пронашла осуммина мигранти, двајца од Ирак и шестмина од Пакистан. На 23-ти август, еден мигрант загина, а 13 беа повредени во сообраќајна несреќа на товарното возило со кое биле превезувани, на автопатот Демир Капија-Неготино. Четворица од групата главно млади мигранти, на возраст од околу 22 до 25 години, биле пренесени на клиниките во Скопје. Десетмина од бегалците биле од Пакистан, а тројца од Бангладеш. Два дена претходно, жител на Крушево бил приведен поради криумчарење мигранти, откако полицијата го сопрела неговото комби со скопски регистерски таблички и пронашла 45 лица (42 од Пакистан, еден од Сирија и двајца од Авганистан).

На почетокот на август, во два случаи полицијата пронашла уште 45 мигранти од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, на приодот кон граничниот премин Табановце. Во возилото на 35-годишен гевгеличанец биле пронајдени 21 мигрант од Бангладеш, а, на автопатот од Гевгелија кон Демир Капија, по сопирање на товарно возило со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал 37-годишен велешанец, во непосредната близина биле пронајдени уште 24 мигранти.

На крајот на јули, во близина на Гевгелија, во товарно возило, македонски полицајци од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор „Богородица“ и полициски службеници од Република Унгарија, пронашле 79 мигранти и го уапсиле возачот... Со тоа беше урнат неславниот „рекорд“ од претходниот период, кога на автопатот Гевгелија-Скопје, беа пронајдени 58 мигранти, 56 Пакистанци и двајца Сиријци, но возачот-шверцер успеал да избега.

И хуманистката Ленче Здравкин, во чиј дом во Велес речиси секојдневно навраќаат бегалци и мигранти, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик потврдува дека фреквенцијата е зголемена.

„Последниве недели, покрај бегалците кои пеш минуваат низ Велес, на пругата која поминува пред мојата куќа, се забележуваат бегалци кои се обидуваат да стигнат на север, во или меѓу контејнерите-вагони од товарните возови. И други очевидци сведочат дека е забележлива раздвиженост во возовите и на пругите, како и на граничниот премин и на патиштата. Бев и во Грција деновиве, и таму, во пограничниот реон, се забележува раздвиженост на бегалците...“, ни изјави Здравкин.

Од јануари до јуни 2018 година, биле спречени 4.795 обиди, а во истиот период годинава, 10.017 обиди за нелегално преминување на границата.


Официјално, од почетокот на летото, двојно се зголемени обидите за илегално преминување на грчко-македонската граница, во однос на минатата година. Од јануари до јуни 2018 година, биле спречени 4.795 обиди, а во истиот период годинава, 10.017 обиди за нелегално преминување на границата.

На ваквиот развој на настаните влијаат и случувањата во соседна Грција. Според податоците објавени во македонските медиуми, само во август, на девет острови во источниот дел на Егејското море, пристигнале 7.712 бегалци и мигранти, бројка која според податоците од УНХЦР од Грција е уште повисока од јули, кога се регистрирани 5.008 лица. Годинава, до крајот на август, 25.590 бегалци и мигранти, по морски пат пристигнале во Грција, од кои 39 проценти од Авганистан и 21 процент од Сирија. Од нив, повеќе од половина биле жени и деца, но околу 34 проценти од пристигнатите биле мажи од 18 до 39 години. Споредбено со претходната година, бројот на пристигнувањата е за 32 проценти повисок.

На почетокот на септември турскиот претседател Реџеп Таир Ердоган беше дециден дека е можно „отворање на вратата“ и нов бран мигранти кон ЕУ, ако Турција, која досега прими околу 4 милиони бегалци, не добие поголема меѓународна помош. Според медиумите, турскиот претседател тврдел дека не е исплатена ветената помош од ЕУ, а дека Турција потрошила во меѓувреме, десеткратно повеќе средства.

Од друга страна, македонските медиуми ја пренесоа изјавата и на потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, според кого, необјавени податоци од европската гранична агенција – Фронтекс покажуваат дека дури шеесет проценти од мигрантите во ЕУ не се бегалци, туку економски мигранти кои „немаат причина да бараат бегалски статус“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG