Линкови за пристапност

Се намалува бројот на бегалци изминативе две недели


Наспроти Светскиот ден на бегалците состојбите во двата провремени транзитни центра во Северна Македонија е релаксирана, но, активистите предупредуваат дека лесно можат да се повторат сцените од 2015-та

На барање на Гласот на Америка на македонски јазик, за актуелната состојба во транзитните центри „Винојуг“ во Гевгелија на македонско–грчката и Табановце, на македонско – српската граница, Одделението за односи со јавност на Центарот за управување со кризи, денеска официјално одговори дека на 18 јуни налладне, во привремениот транзитен центар (ПТЦ) Табановце имало само тројца евидентирани бегалци-мигранти, двајца мажи од Авганистан и еден од Пакистан.

Во ПТЦ „Винојуг“ во Гевгелија, пак, денеска се присутни 28 евидентирани бегалци-мигранти. Деветмина од нив, двајца мажи, две жени и пет деца се од Ирак, деветмина се од Сирија (исто така, двајца мажи, две жени и пет деца), по едно машко лице има од Палестина, Пакистан и од Алжир, четири лица се од Авганистан (маж, жена и две деца) и тројца се од Турција (жена со две деца).

Слична беше состојбата и минатата недела, кога според официјалните податоци што ни ги испрати ЦУК, во вторник на 11 јуни, во ПТЦ Табановце имало 9 евидентирани бегалци – мигранти, а во ПТЦ „Винојуг“ во Гевгелија, имало 39 евидентирани бегалци-мигранти, од кои 13 деца. Според државјанствата: 17 бегалци-мигранти биле од Ирак, еден маж од Палестина, седум од Пакистан, еден маж од Алжир, четворица од Авганистан, а деветмина од Сирија...

Според официјалните бројки и сведоштвата на ангажираните активисти, безбедносната состојба на државните граници на Македонија, во моментов е генерално поволна.

Така, според активистката Ленче Здравкин, во последните две седмици е навистина забележително намалувањето на бројот на бегалците кои на пат кон северната граница, по автопатот од Гевгелија или следејќи ја пругата, минуваат и низ Велес, но искуствата покажуваат дека варијациите во фреквентноста на бегалците и мигрантите кои патуваат пешки, се и разбирливи. А дека, најдобра проверка за реалниот број на бегалци и мигранти кои минуваат низ Северна Македонија, може да се направи пред Табановце на македонско-српската граница, последната станица, каде криумчарите со нивните возила, ги остават своите „клиенти“...

Но, информациите од официјалните билтени на Министерството за внатрешни работи и од „црните хроники“ на медиумите, покажуваат дека бегалската рута низ Северна Македонија, иако со намален интензитет последните ндели, и понатаму функционира. На 13 јуни, на пример, на регионалниот пат Штип – Радовиш, полицијата запрела товарно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, во кое било пронајдени 40 мигранти (26 од Пакистан, 10 од Сирија и 4 од Египет), од кои 12 малолетни лица. Возачот е приведен и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ноќта меѓу 25 и 26 мај, во патничко возило на патот Радовиш-Штип биле откриени тројца мигранти од Еритреја, кои со возачот од Северна Македонија биле приведени. На 23 мај, крај Неготино, полицијата открила петмина мигранти од Пакистан во возило со струмички регистарски ознаки, управувано од лице од Гевгелија, а мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје. На 20 мај, судот му определи 30-дневен притвор на бугарски државјанин кој се обидел да шверцува мигранти преку граничниот премин Табановце, со товарно возило „форд транзит“, со наменски приспособен простор за криумчарените лица. Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека осумината Ирачани, возачот ги презел од Солун за да ги превезе илегално кон западноевропските земји.

На 25 април се сличила „филмска“ бркотница во Неготино, откако полицајци од станицата за граничен надзор Михајлово, на автопатот Демир Капија-Неготино, се обиделе да сопрат возило управувано од 20-годишник, а во кое илегално се превезувале четири лица од Авганистан. Возилото излетало од патот, а возачот и совозачот се обиделе да избегаат, но биле приведени. На 2 април, загина 27-годишен мигрант од Бангладеш, покрај магистралниот пат Удово-Демир Капија, Од вкупно 14 мигранти, кои се пронајдени од полицијата, шестмина биле тешко повредени - откако возачот на криумчарското возило, им викнал дека мораат оти има полиција на патот пред нив,.Тие се префрлени во болниците во Штип, а останатите во кампот во Гевгелија. По обдукцијата, загинатиот бегалец е закопан на муслиманските гробишта во валандовското село Калково.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој официјално го отвори 72. состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД), што се одржа пролетва во Охрид, истакна дека мигрантите сè уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчари да транзитираат низ државата кон север и дека дел од нив, ги користат услугите на криумчари на мигранти, низ Северна Македонија, но и во регионот.

На почетокот на април и министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека се следи состојбата на јужната граница, и дека постои подготвеност за соочување со евентуална криза и и со зголемување на притисокот. Според неа, не е случајно нпостојаното присуство на Армијата на границата: „Собранието неколкупати ја продолжуваше одлуката на границата да имаме и воена, односно армиска поддршка, дури и во периоди кога изгледаше дека опасноста поминала, меѓутоа и јас и министерот за внатрешни работи велевме дека во поглед на мигрантските кризи мора да се навикнеме на новата реалност, а тоа е дека таа опасност може да се создаде преку ноќ, и дека таа ќе биде најверојатно една од стандардните опасности и за нас, меѓутоа и за сите земји во регионот“

По протестите на бегалците во Грција, во импровизираниот камп покрај Солун, и на пругата крај Атина, кога од грчката страна на границата имаше и помеѓу 1.200 и 1.500 мигранти, Сашко Коцев од регионалната иницијатива за миграција азил и бегалци (МАРРИ) во која членуваат држави од Западниот Балкан, изјави дека не очекува да се повтори ескалацијата од 2015-тата, кога на македонско грчката граница есклираше состојбата со мигрантите и бегалците, зашто и Северна Македонија и целиот регион се далеку подобро подготвени за соодветен одговор.

Според медиумите, ситуацијата со бегалците се комплицира со заострениот режим кон бегалците во дел од државите од Европа, и со тензиите меѓу домашното население на Балканот

Вчера, најмалку 12 лица се удавиле откако чамец со мигранти потонал во Егејско Море во близина на Бодрум во Турција, во обид да стигнат до грчкиот остров Кос, а спасени се 31 лице. ООН и претходно предупреди дека ризикот од мигранти и бегалци кои доживуваат бродолом во Медитеранот е зголемен, поради недостиг од спасувачки бродови на невладини организации, а според портпаролот на УНХЦР во Италија, ако нема итна меѓнародна интервенција - „Медитеранот ќе стане крваво море”. Според податоците на УНХЦР и на меѓународните организации за миграција, објавени во македонските медиуми, од почетокот на годинава над 1.900 лица пристигнале од Северна Африка во Италија, а дури 350 од нив починале во текот на патувањето.

Во Унско-санскиот кантон во Босна, поради нарушената безбедносна ситуација, а наводно за да се избегне водедување кризна состојба поради неконтролираното однесување на неколку илјади мигранти и масовни тепачки, како и судири и со полицијата, се воведе нов куќен ред во привремените мигрантски центри. Со него построго се регулира движењето на мигрантите и бегалците во Бихаќ, Цазин и Велика Кладуша, а се најавува засилен ангажман на полициските сили.

Поради сиуацијата во овој босански кантон хрватските власти на граничниот премин Маљевац поставија висока метална заштитна ограда, за да се спречи влез на бегалците во границите на ЕУ.

Во Србија во која моментално има околу 3.500 бегалци, неодамна во меѓусебни пресметки на Авганистанци, беа убиени со нож двајца бегалци, од кои едниот беше 16-годишно момче. Тамошните активисти се жалат на односот на унгарските власти, кои наводно месечно дозволуваат влез во нивната држава на само 40-тина лица или на неколку семејства.

Во Албанија од 22 мај се откриени околу 400 мигранти во зелениот појас на албанско-грчката граница, од кои 253 се вратиле доброволно назад во Грција. Иако официјално, мисијата „Фронтекс“ има позитивни резултати, мигрантите сепак, се обидуваат да избегаат кон Црна Гора и Косово. Минатата година 4.095 лица, главно од Сирија, побарале азил во Албанија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG