Светскиот македонски конгрес се приклучува на бојкотот на референдумот за договорот со Грција.
Денеска во Скопје, првиот човек на оваа организација, меѓудругото позната и по своите бескомпромисни позиции за прашањето за името, кои во минатото се надополнуваа со оние на претходната власт, ги повика граѓаните на 30-ти да не излезат да гласаат.
„Масовно да не излеземе да гласаме под слоганот `Бојкотирам, значи не гласам`. Го охрабруваме народот да не подлегне на заплашувања и притисоци. Законски е забранет притисок за да се излезе да се гласа“, вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Ефтим Клетников од „Македонски манифест“ доста сликовито го опиша процесот што е во тек, кој според него, треба да донесе крај на македонскиот идентитет.
„Над овој народ се врши идентитетски погром, што значи дека овој народ се става во идентитетска мртовечница. Се` ова се прави за докусурување на овој народ кој е ставен како труп во распаѓање“, рече Клетников.
Наспроти ваквите позиции на дел од домашните партии и невладини организации, меѓународната заедница, речиси како никогаш досега, директно се инволвира со недвосмислените пораки што нејзините претставници во изминатите десетина дена ги пратија од Скопје.
„Сега постои огромен момент во Македонија, сега сте на точка пресвртница во вашата историја. Норвешката влада силно ќе го поддржува процесот на пристапување на Македонија во Унијата“, изјави Аудун Халворсен, државен секретар во МНР на Норвшека.
Една од клучните пораки се очекува в понеделник од американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, кој е највисок претставник на Вашингтон што дошол во Скопје во изминатите години.
Според македонската Влада, посетата на Матис е знак за големиот интерес на САД за Македонија и поддршка за она што било сработено во последната година.
Facebook Forum