Линкови за пристапност

Рикер и Лајчак утре на средба во Брисел за дијалогот меѓу Белград и Приштина


САД остануваат ангажирани во процесот за нормализирање на односите меѓу двете држави, рече амбасадорот на телефонска прес-конференција со новинарите

Амбасадорот Филип Рикер утре во Брисел ќе се сретне со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Србија и Косово.

Рикер, одговарајќи на новинарско прашање на телефонска прес-конференција, рече дека САД остануваат ангажирани во процесот за нормализирање на односите меѓу двете држави.

„Новиот ЕУ претставник го знае регионот и овие прашања многу добро. Утре ќе имам можност да се сретнам со него во Брисел, и тоа го очекувам со нетрпение“, рече Рикер, додавајќи дека се надева оти двете држави би можеле да преземат чекори за постигнување напредок.

„Нашите амбасади во Белград и во Приштина остануваат активни, и се во близок контакт со тамошните Влади, за да ги охрабрат да најдат начин за придвижување напред“, рече тој.

Рикер нагласи дека САД ќе продолжат да работат со ЕУ и со сите заинтересирани страни за одржување на процесот, и за поддршка на обновениот дијалог.

Тој, исто така, потенцираше дека Ричард Гренел, специјалниот претставник на Белата куќа за дијалогот меѓу Србија и Косово, работел со двете држави, со цел да ги подобрат економиите и животот на граѓаните.

„Како соседи тоа ќе биде неизбежно, за да се помогне да се најде насока во нормализација на односите, и продолжување напред кон исполнување на нивните долгорочни цели и приоритети, за поголема стабилност и безбедност на регионот“, истакна Рикер.

Преговорите меѓу Приштина и Белград, кои на крајот на јуни требаше да се одржат во Белата куќа, беа откажани, откако претходно Специјалното меѓународно обвинителство во Хаг покрена обвинение за воени злосторства против косовскиот претседателот Хашим Тачи.

Тачи ги негираше обвинувањата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG