Линкови за пристапност

Рикер: Помина времето за подигрување со перспективите на граѓаните


Вашингтон ја потврди поддршката за евроатлантските интеграции на Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Вршителот на должноста помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, акцентот го стави на усвојувањето на законската рамка за иднината на СЈО, при што повика на конструктивност од опозцијата

Потврда на поддршката на Вашингтон за евроатланстките интеграции, повик до опозицијата да не калкулира на штета на државата и порака дека владеењето на правото е клучно, изјави Филип Рикер, објаснувајќи што американската администрација очекува и од власта и од опозицијата.

Вршителот на должноста помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, акцентот го стави на усвојувањето на законската рамка за иднината на СЈО, при што повика на конструктивност од опозцијата.

Тој излезе од вообичаениот дипломатски речник кога зборуваше за ВМРО-ДПМНЕ.

„Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но опозицијата мора да биде конструктивна, а времето за политички игри и подигрување со перспективите и идеите на граѓаните помина. Мојата порака е јасна, време е да се тргне напред за доброто на земјата. Северна Македонија се придвижува во исполнување на децениските цели во делот на евроинтеграции. Ова е решавачки закон важен не само за процесот, туку и за граѓаните. Помина времето за опозицијата тоа го одложува. Се надевам дека опозицијата ќе има конструктивен пристап. САД сакаат да соработуваат со сите политички партии, но за тоа да се случи, како што рекоа претседателот Трамп и секретарот Помпео, мора да видиме сериозни напори. Затоа, законот за СЈО мора да се придвижи, а неговото усвојување сега, значи дека тоа нема да биде прашање наесен кога ЕУ ќе решава за преговори“, изјави Рикер.

Предлог-законот што е пратен во Собранието, а на кој се противи опозицијата, Рикер го смета за добра основа за напредок -.

Тој ги охрабри партиите навреме да го затворат процесот. Истовремено, без директно да се реферира на случајот „Рекет“, повика на темелни и транспарентни истраги.

Владеењето на правото е врвно и никој не е над законот, изјави високиот американски дипломат. Премиерот Зоран Заев уверува дека се подготвени за соработка со опозицијата.

„Отворени сме за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на законот за јавно обвинителство за да и покажеме на меѓународната заедница дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси. Навестувањата се дека во октомври ќе стигне одлуката за почеток на преговорите, никој не сака нови разочарувања, или изневерени очекувања. Никој не сака да се отвори шанси за влијание на недобронамерни трети страни во земјата и во регионот“, изјави Заев.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на прашањето што мисли за повикот на американскиот дипломат рече дека никаде Филип Рикер не кажа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи владиниот предлог.

Тој објави дека ВМРО-ДПМНЕ изготвила свој Предлог-закон за јавното обвинителство, кој според Мицкоски, е поквалитетен од владиниот предлог и ќе овозможи вистинска реформа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG