Коралните гребени се засолниште на речиси една четвртина од морскиот свет. Обезбедуваат храна за милијарди луѓе; поради нив постојат работни места за милиони, а служат и како природна брана на крајбрежните области од океанските напливи. Но, коралните гребени се пред истребување поради прекумерниот риболов, индустриското и урбано загадување и растењето на температурите на океанските води.
Новиот документарец „Последниот гребен: градови во морето“ ја истражува судбината на овој еко-систем. Режисерите Лук Кресвел и Стив Мекниколас користат 3-Д технологија што нуди моќен визуелен ефект.
„Да видите нешто во 3-Д технологија е целосно поинакво доживување. Снимате со две камери, по една за секое око, но на начин што делумно се преклопуваат“, вели Мекниколас.
„Најголем проблем е работата со камерите. Обете тежат 227 килограми. Додафете ги стативот, светлата и другите помагала, и, само за да се подготвите за снимањето ви требаат еден до еден и пол час“, додава Кресвел.
Дури и кога се` е подготвено за снимање, режисерите увиделе дека некои животни во морскиот свет - се плашат од камерите.
„Ако ја насочите камерата кон нив – веднаш ќе се сокријат и треба да чекате повторно да се појават. Не смеете да се помрднете!“, раскажува Кресвел.
За Кресвел и Мекниколас, документарецот за коралните гребени е првиот чекор кон нивното спасување. Очекуваат да ги мотивира љубителите на филмската уметност да преземат акција.
„Последниот гребен: градовите под Океанот“ во моментов се прикажува на филмски фестивали, пред да стане дел од редовниот репертоар во САД и други држави.