Линкови за пристапност

Црвениот крст има потреба од 2,3 милиони долари за борба против вирусот Зика


На најголем ризик се изложени луѓето кои живеат во сиромашните делови на урбаните центри, но се повикува на претпазливост и во општините каде болеста не е толку раширена.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина апелираат за итна помош во висина од 2,3 милиони долари за областите во речиси 30 земји во Северна и Јужна Америка каде е регистрирана појава на комарците кои го шират вирусот Зика.

Меѓународниот Црвен крст соопшти дека презема мерки како одговор на алармантното ширење на вирусот Зика низ Северна и Јужна Америка. Бразил регистрираше преку 4.000 случаи на микроцефалија, заболување кое предизвикува оштетување на мозокот кај новороденчиња.

Светската здравствена организација ја прогласи Зика за вонредна опасност по глобалното здравје, поради сомневањата за поврзаност со ова заболување.

Црвениот крст ги мобилизира своите волонтери во засегнатите општини да помогнат во расчистување на ѓубриштата, особено онаму кадешто комарците би можеле да се размножуваат, за јајцата да не можат да се изведат еден месец подоцна. Ангажманот има за цел и да се гарантира дека областите ќе продолжат со овие активности за да се обезбеди долгорочна контрола на болеста.

Директорката за здравство на Црвениот крст, Џули Лин Хол, во интервјуто за Гласот на Америка изјави дека комарците „Аедес“ кои го шират вирусот, исто така пренесуваат и заразна тропска треска, од која годишно умираат преку 25.000 лица. Според Хол, децата пијат нечиста вода кадешто комарците всушност се размножуваат. Ова, вели таа, може да доведе во дијареа од која годишно умираат околу 800.000 деца под 5-годишна возраст.

Хол додава дека на најголем ризик се изложени луѓето кои живеат во сиромашните делови на урбаните центри, но повика на претпазливост во општините каде болеста не е толку раширена.

Директорката за здравство на Црвениот крст подвлече дека комарците се совршено способни да бидат пренесени со авион, брод, во внатрешноста на гуми, во бамбус.

Надлежните органи велат дека ќе биде потребно години за да се развие вакцина против вирусот Зика. Во меѓувреме, додаваат дека најдобрите мерки што луѓето можат да ги преземат против вирусот се насочена контрола, заедно со превенција и лична заштита.

XS
SM
MD
LG