Најмалку 95 граничари на Мјанмар побегнале во Бангладеш за да ги избегнат се позасилените борби меѓу мјанмарската хунта и бунтовничките сили, изјави портпаролот на граничната стража на Бангладеш.
Портпаролот рече дека граничарите ја преминале границата за да избегаат од борбите меѓу владините сили и армијата на Аракан во последните денови. Судирите се случија во државата Ракин, која граничи со Бангладеш.
Властите во Мјанмар не коментираат.
Лекари без граници во неделата соопштија дека виделе 17 пациенти во Бангладеш, по борбите на границата.
„Сите пациенти имаа прострелни рани“, рекоа Лекари без граници. Двајца од пациентите се здобиле со рани опасни по живот, а петмина се тешко ранети.
Во 2017 година, речиси еден милион Рохинџи, муслиманско малцинство кое живееше во Мјанмар, беа принудени да избегаат поради брутална воена акција против нив.
Многумина од нив сега живеат во Кокс Базар, огромен бегалски камп во Бангладеш.
Официјални лица во понеделникот соопштија дека куршумите и минофрлачите од борбите во Мјанмар паднале во Бангладеш и убиле најмалку две лица.
Некои информации за овој извештај беа обезбедени од Асошиетед прес и агенцијата Франс прес.