Европа се подготвува за нов бран на проширување, кој нема да биде мотивиран толку од строгите критериуми, кои се бараат од идните земји членки, колку од сериозната безбедносна дилема, визави Русија и нејзините идни планови во Европа, вели првиот министер за надворешни работи, Денко Малески. Според него, да немаше комплетна промена на геополитиката во Европа и светот, со руската интервенција во Украина, шансите за влез на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година не беа големи. Меѓутоа, сега тоа е остварливо вели тој.
„Одеднаш безбедносниот елемент при приемот на нови членки во ЕУ станува поважен отколку строгите критериуми. Тоа не значи дека ќе се провлечкаме некако без никакви критериуми, но мислам дека безбедносната компонента на ЕУ, да се заокружи ЕУ, заедно со Украина, Молдавија, евентуално Грузија и земјите на Западен Балкан е доминантна и тоа ветува дека е можно доколку ги отклониме пречките кои стојат на нашиот пат, дека имаме големи шанси тоа да се реализира“, вели Малески за Гласот на Америка на македонски.
Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика пак не е голем оптимист за влез во ЕУ до 2030-та година.
„Бидејки она што сега се зборува, се притиска се лобира е 2030-та година, како година во која ќе бидат подготвени и ЕУ и кандидатите за пристапување и тука веќе има разлика во таа фраза. Кога самото пристапување ќе настапи е дополнителен процес“, вели таа.
Малески вели дека со францускиот предлог се направил сериозен пробив низ бугарското вето, кој треба да се искористи и да се работи на исполнување на условите и отпочнување на преговорите со ЕУ.
„И јас на францускиот предлог гледам како на производ, како на една заедничка акција, како на Европа предовдена од Франција во овој случај и САД, кои сметаат дека е опасно Македонија повторно да се остави во чекалната додека не се разрешат споровите околу историјата со Бугарија“, вели Малески.
Јорданова пак смета дека со внесувањето на Бугарите во Уставот, тие нема да застанат со своите барања.
„Нивните барања се веќе вградени во протоколот и како обврски и тие продолжуваат и понатаму, а самото вградување во Уставот, веќе дава основа за нивни натамошни барања, кои веќе ќе станат наше внатрешно прашање. Покрај тоа има уште многу други обврски и има основа за тоа Бугарија да поставува натаношни барања“.
Според Јорданова, во прилог на Северна Македонија е извештајот на француско-германската експертска група, со кој се предлага во текот на преговорите со земјите кандидати да има квалификувано мнозинство, а само на крајот едногласност за прием на државите членки. Тоа вели во голема мера би ја променило ситуацијата во која сега е поставена Северна Македонија и положбата на Бугарија, кога би останала без правото на вето во целиот процес.