Линкови за пристапност

Реакции на „Ликвидација“


Прашања дали имало непотребно демонстрирање на сила и за тајмингот на акцијата.

„Во ситуација во која обвинетите за убиство се ослободени, апсење на новинар кој информирал за случајот пред пет години, во спектакуларната акција „Ликвидација“ - име што само по себе носи стравотна порака - со специјални сили, во присуство на семејството, не може да биде разбрано поинаку, освен како непотребна демонстрација на сила врз новинар. Колегата Кежаровски ниту бил во бегство, ниту бил опасен, ниту бил недостапен за полицијата за врз него да се применат такви мерки“, се вели во реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија, кој со загриженост ја коментира вчерашната информација за апсењето на новинарот на дневниот весник „Нова Македонија“, Т.К., кого маскирани припадници на МВР го приведоа од неговиот дом.

„Не навлегувајќи во природата на случајот, а врз основа на презумпцијата на невиност, според која никој не е виновен додека не се докаже спротивното, сметаме дека ваквиот третман на новинар е непримерен и неоправдан“, порачуваат синдикалците. Според нив, апсењето на новинар на ваков начин ќе има последици врз состојбата во професијата и „ќе биде удар врз истражувачкото новинарство, што сите го бараат, но станува се` поретка појава во македонскиот медиумски простор“.

Во реакцијата на Здружението на новинарите исто така се потенцира непотребното демонстрирање на сила на полицијата и се вели дека новинарот е уапсен пет години по објавување на идентитетот на заштитен сведок, кога не постои опасност да се предизвика штета за завршениот судскиот процес и откако сведокот веќе нема таков статус. ЗНМ констатира и дека најодговорните за заштита на идентитетот на заштитениот сведок потфрлиле во својата работа.

МВР одговори дека законите важат подеднакво за сите граѓани, а оние кои имаат забелешки на работата на полицијата, треба да поднесат претставка до Секторот за внатрешна контрола.

На седуммина од приведените во вчерашната акција на МВР под кодно име „Ликвидација“, истражниот судија им изрече триесетдневен притвор, по испрашување во Основниот суд 1, кое траело до после полноќ. Притворени се новинарот Т.К.., адвокатите В.З. и С.Л., јавниот обвинител И.Е., судијата И.Т., кому судскиот совет на седница му го одземал имунитетот, како и лицата Ј.П. и С.Џ, додека поранешниот судија Б.Н. е во домашен притвор поради неговите поодминати години. На приведените им се поднесени кривични пријави за примање поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање на информации и за други кривични дела.

Пријавите се поднесени за случајот со наводното нарачано убиство на лицето Лазар Милошевски од велешкото село Ореше и приведените се осомничени дека ургирале тогашните обвинети за убиството да бидат ослободени од притвор, односно дека истражниот судија го открил идентитетот на заштитениот сведок, а новинарот го објавил во текст во тогашниот магазин „Репортер 92“ во ноември 2008, преку објавување факсимил од записникот од судењето во кој било наведено и вистинското име на заштитениот сведок „Бреза“.

Според дел од порталите, налогот за апсење е издаден од обвинителката од Обвинителството за организиран криминал во Скопје, која само последниот месец неколку пати била во велешкиот суд, каде ги разгледувала предметите и доказниот материјал.

Според МВР, новинарот Т.К. како главен уредник на магазинот „Репортер 92“, спротивно на Законот за кривична постапка и Законот за заштита на сведоци, го открил идентитетот на заштитениот сведок. Но, според изјава во медиумите на адвокатот на неколкумина од притворените, чудно е што уапсените се осомничени за различни кривични дела, а се апсени во заедничка акција на МВР.

Според денешните медиумски информации, полицијата во рамки на акцијата „Ликвидација“ извршила и претрес во домови на блиски роднини на дел од приведените, каде пронашла поголемо количество оружје и муниција. Според МВР, „пронајдени се една автоматска пушка марка Томсон, еден пиштол марка „Црвена застава“, две димни бомби, четири пакувања „топовски удар“, две пакувања шок бомби и пет килограми пластичен експлозив“.

Браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски кои на судски процес добија ослободителни пресуди за убиството на Лазо Милошевски - кое според обвинението го нарачало лицето Ѓоре Петровски, кој тогаш живеел во САД и затоа беше екстрадиран во Македонија - денес тврдеа дека не поткупувале никого за да бидат ослободени од притвор, и дека не влијаеле врз пресудата и врз судскиот процес.

„Ако некој ургирал за да нè пуштат од притвор, немаше да бидеме во притвор од 4 ноември 2008 до 29 март 2011 година, 30 месеци“, изјави за медиумите Ордан Ѓоргиевски.
XS
SM
MD
LG