Линкови за пристапност

Шок, тага и сарказам по упадот во Конгресот


Светските лидери со измешани реакции

Измешани реакции на шок, тага и сарказам продолжуваат да пристигнуваат од лидерите од цел свет, по вчерашниот упад на поддржувачи на претседателот Доналд Трамп во Конгресот, бесни поради неговата загуба на претседателските избори во ноември.

„Она што се случи во Вашингтон не е Америка. Веруваме во силата на нашите демократии. Веруваме во издржливоста на американската демократија“, рече францускиот претседател Емануел Макрон преку видеопорака на Твитер.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека сцените во Конгресот на САД се срамни.

„САД поддржуваат демократија насекаде во светот, и сега е од суштинско значење да има мирен и организиран трансфер на моќта“, напиша тој на Твитер.

Европските официјални лица изразија поддршка за Бајден.

„Верувам во силата на американските институции и демократија“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пак, рече дека мора да се почитуваат резултатите од овие демократски избори.

Индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, преку порака на Твитер, рече дека бил загрижен поради нередите и насилството во Вашингтон.

„Организиран и мирен трансфер на моќта мора да продолжи. Не смее да се дозволи демократскиот процес да биде срушен преку незаконски протести“, рече тој.

Министерството за надворешни работи на Тајван изрази загриженост за вчерашното насилство, повикувајќи на поголемо ниво на претпазливост на нивните граѓани во Вашингтон, за време на полицискиот час воведен од официјалните лица.

Демократски законодавец во Јужна Кореја рече дека инцидентот открил срамна страна на САД, додека Турското министерство за надворешни работи ги повика турските граѓани да избегнуваат конфликти, велејќи дека верува оти САД ќе ја надминат оваа домашна политичка криза со зрелост.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG