Линкови за пристапност

Реакции на забраната за влез на македонска новинарка во Грција


Додека новинарските здруженија и МНР бараат објаснување, грчки извор наведува дека нема политичка заднина.

Здружението на новинари на Македонија (СНМ) реагираше со осуда на инцидентот на македонско - грчката граница, во кој грчките погранични органи не и` дозволиле влез во Грција на новинарката Ивана Костовска, уредничка во дневниот весник „Дневник“, која таму патувала приватно. Костовска вели дека добила образложение дека таа претставува „закана за јавната и за внатрешната безбедност на земјата“.

ЗНМ, според кое ваквото образложение е скандалозно, апелираше Канцеларија за врски на Грција во Македонија да даде официјално објаснување за скандалот, но грчките дипломатски претставници во Атина и во Скопје досега официјално не реагираа.

На прашање од Гласот на Америка на македонски јазик за причините за ваквиот однос кон македонската новинарка, од прес-одделот на Канцеларијата одговорија дека досега немало официјален став на грчката дипломатија во медиумите поради тоа што името на некое лице може да се најде во Националниот регистер на лица на кои не им се дозволува влез во земјата - од најразлични причини. Неофицијално, според истиот извор, не се работи за политичка опачина и специјален однос кон македонските новинари, како и доколку некој граѓанин се почувствува онеправдан од одлука на грчките власти, може да покрене процедура за добивање на одговор за причините за донесување на таквата одлука, процес што трае десетина денови. Така, и во конкретниот случај на новинарката Костовска, била покрената постапка според процедурата, по која новинарката самата ќе одлучи дали во јавноста да ги изнесе добиените податоци за неа и причините за ускратен влез во Грција.

Во меѓувреме, мнозинското здружение на македонски новинари реагираше и до Меѓународната федерација на новинарите и до останатите дипломатски претставништва во Скопје. ЗНМ го повика и македонското Министерство за надворешни работи да се заземе и да ги брани интересите на македонските граѓани на кои, како во случајот со Костовска, „неосновано им се повредува слободата на движење“. ЗНМ наведува дека во последниве неколку години во Грција, неколку пати новинарите од Македонија биле изложени на слични притисоци и забрани и потенцира дека забраната за влез на македонски новинар во Грција е недоличен пример за земја - членка на ЕУ.

Според медиумите, од македонското МНР реагирале по повод забраната за влез на новинарката во Грција и на писменото образложение дека Костовска е „непожелна личност во Грција и опасност за јавниот ред и безбедност“. Од македонското МНР изјавиле за медиумите дека реагирале и побарале официјален одговор од колегите во Атина, за основата да се донесе ваква забрана.

„Изненадени сме од одлуката на грчките погранични органи. Уште повеќе, посочените причини зошто не и се дозволува влез, под превезот за заштита на националната безбедност на Грција, може да се протолкуваат како санкционирање на новинарскиот збор и досега објавените авторски текстови на Kостовска за состојбите и политиките на Грција, метод користен во одамна заборавени времиња“, стои во реакцијата на македонското МНР.

И Македонската асоцијација на новинари (МАН) побара Канцеларијата за врски на Грција итно да го изнесе својот став за настанот и за причините поради кои на новинарката и бил забранет влез во Грција. МАН ја повикува и канцеларијата на ЕУ во Скопје да реагира со адекватни чекори за решавање на случајот, зашто грчките власти наведуваат дека со својата постапка ги штителе и интересите на Европската унија.

„МАН смета дека регистрирањето на новинарката Костовска во регистерот на непожелни личности, со карактеристика опасност за јавниот ред и безбедност, јавното здравје и меѓународните односи, претставува грубо кршење на основните демократски постулати на слободата на движење. Македонската асоцијација на новинари не сака да верува дека оваа одлука е обид да се замолчат новинарите во Македонија да не пишуваат за состојбите на македонското малцинство во Грција“, се вели во соопштението од МАН.
XS
SM
MD
LG