Линкови за пристапност

Разузнавачите на САД и Австралија ја обвинија Кина за кражба на интелектуална сопственост од невидени размери


Ретко се случува шефовите на австралиските шпионски агенции јавно да прекоруваат друга земја по име.

Но, говорејќи на брифинг за медиумите пред разузнавачката конференција во Пало Алто, Калифорнија, Мајк Бурџис, генералниот директор на австралиската безбедносна разузнавачка организација, позната како АСИО, беше отворен во врска со заканата од Кина.

Бурџис рече дека кинеската економска шпионажа отишла многу подалеку од „традиционалното“ шпионирање бидејќи била одобрена од владата.

„Сите земји шпионираат. Сите земји бараат тајни и сите тие бараат стратешка предност, но однесувањето за кое зборуваме овде оди подалеку од традиционалната шпионажа. Заканата дека кинеската влада е ангажирана во најодржлива, обемна и најсофистицирана кражба на интелектуална сопственост и стекнување експертиза, тоа е без преседан во човечката историја“, рече Бурџис.

Кина е најголемиот трговски партнер на Австралија, но билатералните односи се влошија во последниве години поради различни геополитички и трговски спорови, како и тензиите околу потеклото на ковид-19. Австралискиот премиер Ентони Албанес се очекува да го посети Пекинг во наредните месеци - прва официјална посета на Пекинг на австралиски лидер во последните седум години. Албанезе и покрај несогласувањата ќе се обиде да ги стабилизира врските.

Алијансата „Пет очи“ ги вклучува САД, Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Австралија. Таа беше формирана по Втората светска војна за споделување разузнавачки информации и координирање на безбедносните напори.

Разузнавачките лидери од алијансата отпатуваа во Калифорнија на покана на директорот на ФБИ Кристофер Вреј. Тие предупредија дека е потребна поголема свест за да се обезбеди заштита на новите технологии.

Вреј ја нарече кинеската комунистичка партија „закана број еден за иновациите“, тврдејќи дека економската шпионажа ја направила „централна компонента на нејзината национална стратегија“. Тој рече дека во последниве години, Федералното биро за истраги забележало „околу 1.300 отсто зголемување на истрагите“ кои се поврзани со обидите за „кражба на интелектуална сопственост или други тајни од некој облик на кинеската влада“.

Досега нема одговор од официјалните лица во Пекинг.

И САД и Австралија, исто така, предупредија на зголемената закана од насилство на домашно тло како резултат на војната на Израел со милитантната група Хамас.

XS
SM
MD
LG