Линкови за пристапност

Расте крводарителската свест: Охриѓанецот Борис Стојаноски стопати дарувал крв


Интересот за крводарување се зголемува. Само минатата година имало 30 отсто повеќе првократни дарители во однос на 2022 година
Интересот за крводарување се зголемува. Само минатата година имало 30 отсто повеќе првократни дарители во однос на 2022 година

Интересот за крводарување кај македонските граѓани се зголемува. Само минатата година имало 30 отсто повеќе првократни дарители во однос на 2022 година. На ниво на држава во 2023 биле реализирани 59.688 крводарувања

„Јас во 1993 година бев во Охрид и си одев дома за селото Лакочереј. Додека патував слушнав дека авион паднач во месноста Тројанска кај Охрид.На радио кажаа дека има еден преживеано, и оти е потребна 0 крвна група, а јас сум таа група. Тогаш од сред пат се вратив и отидов да дарувам крв“, вели 65 годишниот, Борис Стојаноски, кому ова е момент кој, ќе го памети целиот свој живот.

До сега сто пати имал дарувано крв, а за прв пат во 1978 година како војник во некогашната Југословенска армија.

Дарувањето е спасување живот. Помагање. Ќе продолжите ли понатаму да дарувате крв?

„Ако се може, барем два пати ќе дарувам. Не, не се откажувам“, додава Стојаноски.

Првите дарувања крв и Милчо Бујароски ги имал исто така во војничките денови во 1981 година во Босна и Херцеговина. Досега од течноста што живот значи дарувал 82 пати.

„Често пати и сам сум се јавувал и на повик сум одговарал за луѓе за кои им било потребно дарување крв“, вели Бујароски.

Според законските прописи со над 65 години старост крв повеќе не може да се дарува. Но во семејството, Милчо веќе има наследник. Неговиот 22 годишен син неколку пати имал дарувано крв.

„Задоволство ми е да давам крв, затоа што знам дека потенцијално на некого во некој момент може да му е толку важна, што може да му го спаси животот“, додава Бујароски.

Владимир Каневчев досега дарувал 78 пати. Но се надева дека ќе ги надмине и Милчо и Борис по бројот на дарувања. Почнал да дарува од здравствени причини, а потоа сето тоа прераснало во желба да помага. Дарува четири пати годишно.

„На двапати ми се случи, во моментот кога отидов да давам крв, да ми речат како нарачан стигна, баш вашата крвна група ни треба, а во Костозглобната болница доаѓаат лица повредени во сообраќајни незгоди. И тоа ми беше посебно чувство, токму тоа доаѓање на лице место случајно сум спасил нечиј живот“, вели Каневчев.

На ниво на држава во 2023 биле реализирани 59688 крводарувања
На ниво на држава во 2023 биле реализирани 59688 крводарувања

Во 2023 година, Црвен крст Охрид, организирал 18 крводарителски акции, и собрани 1507 крвни единици. А сите оние кои даруваат крв, имаат одредени бенефиции кои државата им ги овозможува.

„Секој дарител без оглед дали е ученик или вработен, може да добие два последователни денови отсуство од работа или училиште. Сите дарители, кои имаат над 10 пати крводарување се ослободени од партиципација од цената на некои здравствени услуги во нашите здравствени установи“, вели Даниела Вељановска од „Црвен крст“ од Охрид.

Интересот за крводарување се зголемува. Само минатата година имало 30 отсто повеќе првократни дарители во однос на 2022 година. На ниво на држава во 2023 биле реализирани 59688 крводарувања.

„Во текот на годината ние правиме мотивациски работилници во средношколските заедници и на тој начин се зголемува бројот на првократни дарители, кои што понатаму го добиваат чувството на хуманост и продолжуваат да даруваат крв“, вели Вељановска.

Борис, Милчо и Владимир, по повод 17-ти март денот на крводарителството, добија благодарници за хуманоста и остварени крводарувања.

XS
SM
MD
LG