Линкови за пристапност

Прва Американка со исламска вероисповед во Конгресот


Рашида Тлаиб треба да положи свечена заклетва по изборите во ноември

Ахлам Џбара живее во Чикаго, сојузната држава Илиноис, град кој се наоѓа на шест часа од Детроит, сојузната држава Мичиген. Тоа значи дека таа не може да гласа на прелиминарните избори во државата.

Но, изборната трка во 13-тиот конгресен округ во Мичиген, беше премногу важна и лична за Џбара. Тоа е причината зошто таа на денот на изборите возела шест часа за да може да волонтира за кампањата на Рашида Тлаиб.

„Како Американка со исламска вероисповед, како Американка со арапско потекло, како Американка со потекло од Палестина ... Јас сум во неа, таа е во мене“, изјави таа, правејќи пауза од дистрибуцијата на брошури за кампања на Тлаиб пред избирачките места.

Ширум целата држава, околу 90 Американци со исламска вероисповед, како што е Тлаиб, ќе се најдат на гласачки ливчиња за време на делумните избори годинава. Повеќето се кандидираа како демократи и се надеваат дека ќе бидат дел од т.н. „син бран“, со кој се надеваат дека ќе ја преземат контролата во американскиот Конгрес од републиканците.

Тлаиб е меѓу 13-те кандидати со исламска вероисповед кои се кандидирале за функции во Мичиген. Според „Detroit Free Press“, на вчерашните прелиминарни избори во оваа сојузна држава, имало 24 кандидати кои се имигранти или деца на имигранти.

Иако е лоцирана во Мичиген, кампањата на Тлаиб има историски и национални импликации, особено за жените муслиманки кои на кандидатурата гледаат како на отворање нова врата.

„Добивам пораки од млади девојки", објаснува Тлаиб, „Само што добив порака од Њујорк. Еве што пишува: Здраво, не ме познавате, но моето име е Хома. Само сакам да знаете дека ве следам од Њујорк. Тоа ме прави емотивна ...си мислам...Господе, ова е толку прекрасно“.

На Ахлам Џбара и` било јасно какво влијание имала кампањата од врата до врата за Тлаиб, затоа што тоа довело до поголем одѕив на гласачите.

„Таа создаде нова генерација млади луѓе кои сакаат да се кандидираат...таа ги активира лицата кои треба да гласаат прв пат. Не само младите, туку и другите кои гласаат за прв пат, кои веќе долго време се американски државјани. Дури и оние кои се родени тука, но никогаш не гласале затоа што немаат доверба во владата“.

Овие гласачи создале предност за Тлаиб, која признава дека нејзиното име било непознато кога започнала со кампањата на почетокот на годинава.

Сепак, личниот контакт со гласачите е важен. Според проценката на Тлаиб таа тропнала на повеќе од 50 илјади врати за време на кампањата, а тоа и` помогнало да победи, иако трката била неизвесна се` до самиот крај.

Бидејќи во ноември таа нема републикански противкандидат, прелиминарните избори се единствената неизвесна трка со која се соочи, пред да положи свечена заклетва како конгресменка - улога на која многу Американци со муслиманска религија и` се радуваат.

„Тие се идентификуваат како Рашида“, објаснува Ахлам Џбара. „Рашида ќе биде нивното лице, нивниот глас во Конгресот. Затоа што Рашида е во Конгресот, значи ние сме Американци како сите други“.

Наскоро може да има повеќе кандидати како неа. Американецот со сомалиско потекло Илхан Омар, се кандидира за конгресното место во Минесота, и можно е да се случи, заедно со Рашида, Тлаиб да стане членка на Конгресот на САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG