Сириските демократски сили поддржани од САД објавија дека ги зазеле преостанатите области од градот Рака во Сирија од милитантите на Исламската држава.
Портпаролот на сириските демократски сили кои се составени од курдски и арапските паравојски за новинарите изјави дека борбите во Рака се завршени.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, исто така објави дека градот Рака бил ослободен.
Борците на сириските демократски сили влегоа во стадионот кој беше последната база на Исламската држава во градот, откако беше заземена болницата која служела како команден центар.
Офанзивата против милитантите во Рака започна во јуни и беше поддржана со воздушни напади од коалицијата предводена од САД.
Портпаролот на коалицијата, полковник Рајан Дилон, на Твитер напиша дека Рака е 90 проценти под контрола на сириските демократски сили.
Рака, беше де факто, главен град на Исламската држава, место каде што планираа напади во странство, каде милитантите прославуваа за своите победи во Ирак и Сирија, и каде се извршуваа егзекуции.
Исламската држава се` уште контролира области околу Деир ел-Зур и на југ, во долината на реката Еуфрат.
Facebook Forum