Линкови за пристапност

Муслиманите во САД започнаа со рамазанските пости


Верниците кои доаѓаат од различни националности се собираат во Исламските центри ширум државата за да се молат и да ја слават нивната религија

Муслиманите во светот го одбележуваат светиот месец Рамазан, период на пост, рефлексија и заеднички собирања.

Американските муслимани го одбележуваат Рамазан како и остатокот од исламскиот свет, со збир на традиционални ритуали. Семејните продавници и месарите подготвуваат халал-храна која се јаде за време на постот, се молат и им помагаат на сиромашните.

Шакир Елсајед е имам во Исламскиот центар Дар Ал Хиџра во Вирџинија, локација која им служи на верници од 42 различни националности.

„Рамазан е можност за собирање на луѓето од различни културни, етнички и јазични потекла. Сите ние зборуваме англиски и го користиме англискиот како заеднички јазик. Ги правиме активности заеднички, особено за Рамазан.“

Шакир вели дека Центарот им овозможува на муслиманите бесплатен оброк после дневниот пост и организира ноќна молитва за време на Рамазан.

Муслимани постат во текот на денот, но на работа тие се опкружени со колеги кои не постат. За Ибрахим Ради, кој по потекло е од Египет тоа не е проблем.

„Јас треба да постам, тоа е моја религиозна должност. Не е важно што прават другите“.

Сепак, на неговата сопруга, Надиа и недостасуваат големите семејни собири во Мароко:

„Има голема разлика. Тука немаме големи семејства. Наместо да имаме 10 луѓе околу масата, ние сме само двајца“.

Работниот ден може да биде потежок за оние што ги извршуваат своите верски должности за време на Рамазан.

Амина Танбуш која е по потекло од Сенегал вели:

„Сите подготвуваат храна, која ќе јадеме заедно. Ќе се молиме заедно. Ќе зборуваме за исламската религија, ќе се подучуваме и понекогаш за време на ручекот одиме да се молиме заедно “.

Муслиманите во САД го користат Рамазан и како можност да ја едуцираат американската јавност за исламската вера.

Ова вклучува отворање на домовите и локалните џамии, исламски центри, јавни предавања за Рамазан, меѓуверски ифтар и телевизиски реклами за да ја потсетат јавноста дека муслиманите се составен дел од американското општество.

Имамот Шакир Елсајед вели дека тие ги повикуваат христијаните и евреите секоја среда на ифтар вечера, како начин на меѓуверски дијалог за време на Рамазан.

Меѓуверскиот дијалог се унапредува во текот на овој месец и помага за подобро разбирање помеѓу следбениците на различните вери, вели Кит Елисон, првиот Американец со муслиманска вероисповед кој постанал член на Претставничкиот дом.

Од почетокот на 1990-тите години, претседателите на САД издаваат честитки за Рамазан кои се упатени кон повеќе од 1,5 милијарди муслимани во светот.

Имамот Шакир Елсајед верува дека претседателските честитки помагаат во подигање на свеста кај Американците за време на Рамазан.

(Мохамед Елшинави)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG