На две различни локации, со два силно спротивставени табори – така ДУИ ја одбележа 21-годишнината од формирањето. Раководството на партијата прослави во Скопје со панел-дискусија за потребата од формирање на т.н „Европски фронт“...
„Огнените“ во помиран атмосфера се собраа во Тетово.
Во 21 година постоење, од кои речиси 19 е на власт, партијата која произлезе од конфликтната 2001, го слави формирањето поделена како никогаш досега.
Врвот на партијата, предводен од неприкосновениот лидер Али Ахмети, својот дел од одбележувањето на годишнината на ДУИ го посвети на евроинтеграциите. „да се помириме и обединиме за иднината земјата“, беше повикот на Ахмети.
„Треба да се спрoведат уставни измени, а за тоа неопходно е помирување меѓу сите кои имаат одговорност за судбината на државата и на земјата. Дали има волја за помирување и обединување? Јас милслам дека тоа е можно ако сите во предвид ја имаат иднината на државата, а настрана да се стават денвнополитичките интереси. Но, треба да се завршат и домашните задачи – исполнување на стандардите, реформи во судството, вo администрацијата, борба против корупцијата и криминалот...“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Фракцијата на „Огнените“ зборуваше и за минатото и за иднината – своите разлики со раководството ги нарече судир на идеи и програми.
„Се поставува прашањето каде е ДУИ денес? ДУИ е застаната пред предизвикот на судир на идеи и програми. Предизвикот е дали да го ублажиме, отуѓиме и заборавиме нашето минато, или да ја унапредиме и зајакнеме нашата политичка определба, да ја спроведеме програмата и барањата на Албанците, кои со толку трпение и демократски отпор се обидуваат да станат дел од Европа на обединети, како народ со национален идентитет“, рече Муса Џафери, од фракцијата на ДУИ.
Дали разликите ќе кулминираат и со официјална подлеба и формирање нов политички субјект, се уште е нејасно. Но, заедничкиот ЕУ наратив и на двете одделни манифестации – на „интегративците“ во Скопје и на „огнените“ во Тетово го отвори прашањето дали сега земјата се наоѓа пред клучен избор од кој ќе зависи нејзината иднина.
„На оние кои се противат на промена на уставот, од било која причина, треба да им стане јасно дека ќе се изиграме автогол, но и ако сакаат процесот само да го одложат, тоа ќе биде двоен автогол“, вели поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
„Нема премногу опции, има две опции – кон ЕУ, или надвор од ЕУ...“, изјави аналитичарот Петар Арсовски.
На повиците за помирување и обединување што ги прати Ахмети брзо стигна одговор. Во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од партијата на Мицкоски одржа состанок на кој беше повторен ставот дека нема да даде поддршка на процесот за уставни измени.