„Македонија не зборува само за проблемите и реформите, туку таа ги реализира. Потврда за тоа дојде од извештајот на Фридом хаус, но и од најновата препорака за почеток на преговорите со ЕУ“. Вака министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја отвори презентацијата во Атланскиот совет во Вашингтон, додавајќи цитат од документот на Фридом хаус каде стои дека Македонија е мала земја, но со големи можности.
Пред главно американска публика Шекеринска потсети на настаните во Собранието пред точно една година - датум за кој рече дека ќе се памети поврзан со недемократската влада која денес е минато.
Кризата е зад нас, проблемите се` уште се таму. Она за што сакам да разговарам со вас, е дека процесот не е готов, има уште многу работа, заедно од двете страни, ние и нашите стратешки партнери, како тоа ќе се рефлектира на глобалната безбедност и како случајот со Македонија ќе ја покаже тенденцијата на малите демократии во однос на нивната посветеност на либералните вредности, посебно во проблематичен регион како што е Балканот“, рече министерката.
Покрај изнаоѓање решение за името со јужниот сосед, Македонија се очекува безусловно да ги исполни и стандардите на НАТО, коишто бараат политичката стабилност во државата, поддршка од населението, контрола врз руското влијание и модернизација на армија со соодветен буџет за потребите на Министерството на кое таа е на чело.
„Новата влада на Македонија Буџетот во 2018-та година го зголеми за 15 проценти и превземавме обврска секоја следна година, зголемувањето да биде 0,2 процентни поени од БДП, со цел да го достигнеме тарргетот од 2 процента, дури пред одредени членки на НАТО“, додаде Шекеринска.
Министерката за одбрана најави дека на 1-ви мај во Вашингтон ќе има официјална средба со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, на која, рече ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД. Според неа, тајмингот на средбата е значаен, бидејќи се случува во пресрет на самитот на НАТО во јули.
Во рамките на посетата на министерката на САД, предвидени се и средби во американскиот Стејт департмент и Конгресот.
Шекеринска од Вашингтон заминува за сојузната држава Вермонт, каде ќе се сретне со командантот на тамошната Националната гарда, генерал-мајорот Стивен Креј. Македонската армија соработува со Националната гарда на Вермонт за унапредување на реформите и натамошен развој на оружените сили.
Facebook Forum