Линкови за пристапност

Работната група ги привршува предлозите за измени на изборниот законик


Финишираат предлозите за измени на изборниот законик – во пресрет на двојните избори догодина, и претседателски и парламентарни, работната група го заогружи процесот на подготовка на промените кои се резултат на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Претставниците на ова тело, формирано од министерството за правда, велат дека во изминатите шест месеци, колку што работи групата, биле опфатени сите аспекти за кои ОБСЕ/ОДИХР имале забелешки.

„Беа опфатени невладините организации, политичките партии и доставен им е материјалот, измените се готови, доставени се до сите пред три недели. Сега, денеска треба да се усвојат тие согласно Деловникот, а се однесуваат на измени околу финансирање на политичките партии, заштита на избирачко право, околу медиумите, медиумското претставување. Оваа работна група имаше мандат само за препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сите кои можеа да бидат имплементирани се имплементираа, некои не може да се имплементираат, не се компатабилни со нашиот Изборен законик, а потоа се надевам дека ќе се изнајде начин истата работна група да продолжи да работи на нов Изборниот законик“, изјави Александар Новаковски, претседател на работната група за спроведување изборни реформи.

Предлог-измените, меѓу другото, го офаќаат и сегментот на финансирање на политичките партии и распределбата на финансиските средства, точка за која имаше доста поделби и критики во јавноста.

Документот што ќе произлезе од работата на оваа група потоа ќе биде доставен до Собранието каде за предлог-измените ќе разговараат политичките партии. Каква ќе биде реакцијата на опозицијата која не делегираше свои претставници во работната група?

„Опозицијата иако беше повикана неколкупати, таа не се појави, и дури им беше понудено претседателско место. Неучеството на опозицијата не значи дека тие нема да бидат кооперативни и предлогот ќе биде доставен до координаторот на нивната пратеничка група“, изјави заменик-министерката за правда, Весна Аврамовска-Мадиќ

„Оваа работна група нема мандат за изборен законик за подготовка на нов изборен модел“, додаде таа.

Паралелно со подготовките за измени на изборниот законик се одвива и политичкото надмудрување меѓу власта и опозицијата за прашањето - одвоени или споени претседателски и парламентарни избори.

„Очекувам да преовлада разумот и државните интереси и во наредните недели да се постигне консезус околу датумот на изборите и во еден трошок да одржи претседтседателски и во вториот круг на претседателските и парламентарни избори“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот на Собранието, во чија надлежност е распишување на изборите, неодамна ги повика главните партии да се договорат за датумот за избори и за прашањето дали ќе бидат одвоени или споени зашто, како што објаснуваше Џафери, роковите се наближуваат.

Засега двете страни остануваат на своите ставови - опозицијата навива за споени избори, власта за одвоени.

XS
SM
MD
LG