Линкови за пристапност

Надворешната политика на Русија и односите со Западот


Дали ќе има партнерство меѓу Русија, Турција и Иран за Сирија? Како ќе се одвиваат односите на релација Русија - САД?

Во својата годишна прес-конференција, рускиот претседател Владимир Путин посвети многу време на економските прашања, во време кога земјата се бори повторно за бележи растеж, по застојот изминативе две години, заради ниските цени на нафтата и економските санкции како резултат на нејзините активности во Украина.

Тој рече дека руската економија постепено се опоравува, и годинава се очекува да се намали за само околу половина процент, додека инфлацијата опаднала на рекордно ниско ниво и наскоро може да ја достигне целта од 5,4 отсто.

„Мошне мирно, и тоа е добра вест“, вели Андреј Колешников, од Центарот Карнеги во Москва. „Но, лошата вест е дека не постои никакво разбирање на ситуацијата: сите овие зборови за поволната економска слика, а во реалноста, не е толку добра“.

Партнерство меѓу Русија – Турција – Иран?

Неговиот фокус на економијата е сосема спротивен од оној од брифингот од минатата година, кога имаше остри зборови за Турција, само неколку недели откако воздухопловни сили на оваа земја соборија руски борбен авион на границата со Сирија.

Турскиот претседател се извини за инцидентот, а подобрените односи меѓу Москва и Анкара се и натаму актуелни, и покрај убиството на рускиот амбасадор во Турција во понеделникот.

„Тоа покажува дека постои намера за тројно руско-турско-иранско партнерство, со цел да се справи со кризата во Сирија“, вели Андреј Koртунов, генерален директор на Советот за меѓународни односи на Русија.

Победа во Сирија?

Минатата недела источниот дел на Алепо, каде контролата ја имаа бунтовниците, падна во рацете на сириските владини сили, кои беа поддржани од ирански трупи и руски воздушни напади. Вториот по големина град во Сирија сега е во урнатини, но ова претставува симболична и стратешка победа за сирискиот претседател Башар Ал-Асад.

И покрај загриженоста за судбината на цивилите, Путин евакуацијата на преостанатото население во Алепо, ја прогласи за „најголема меѓународна хуманитарна операција во современиот свет“, и повика на прекин на огнот на цела територија на Сирија.

Рускиот претседател кажа дека Иран, Сирија и Турција се согласиле да одржат мировни разговори во Казахстан.

„За Путин, сега е многу поважно да ја покаже својата моќ, да го покаже својот капацитет да биде победник, некој кој ќе направи пресвртница во овој регион“, вели Колешников. „И на одреден начин, тој ја постигна оваа цел, земајќи го Алепо. Точно, ја загуби Палмира, но годинава ја заврши со своевиден имиџ на победник“.

„Губете со достоинство“

За време на денешната прес-конференција, Путин имаше помирувачки тон околу односите со Западот и во пресрет на попријателски настроена администрација спрема Русија, по инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари.

Но, рускиот лидер ја искористи можноста да ја критикува администрацијата на претседателот Барак Обама и Демократската партија, заради изјавите дека руски хакерски напад бил дел од причината што Хилари Клинтон загубила на претседателските избори.

„Демократите губат на секој фронт и насекаде бараат луѓе кои ќе ги обвинат за тоа“, рече Путин за време на прес-конференција. Тие треба да научат да изгубат со достоинство“.

Според ЦИА и ФБИ, Русија стои зад хакерскиот напад врз Демократскиот национален комитет и одредени партиски членови, во напор да помогне Трамп да победи на изборите.

Кортунов, од Советот за меѓународни односи на Русија, додаде дека во однос на надворешната политика, очигледно е дека Русија нема намера да ги ескалира тензиите со Западот.

XS
SM
MD
LG