Линкови за пристапност

Американски законодавци со остра критика на говорот на Путин


Претседателот на Русија кажа дека неговата армија тестирала ново нуклеарно оружје

Американските законодавци упатија остра критика на говорот на рускот претседател Владимир Путин, во кој тврдеше дека Москва тестира низа нови стратешки нуклеарни оружја, со капацитет да ја погодат речиси секоја цел во светот и не можат да бидат пресретнати од надворешни непријатели.

Во своето годишно обраќање за состојбата на нацијата, Путин зборуваше за технолошките достигнувања што на руската армија би можеле да и` дадат нова глобална позиција. Тој притоа покажа и видео материјали од новото оружје, коишто беа проследени со чести аплаузи.

Републиканскиот сенатор, Том Тилис од сојузната држава Северна Каролина, за Гласот на Америка изјави: „Гледам на Путин исто како кога гледам на кој и да е убиец или криминалец. Кога кажуваат нешто, најверојатно лажат, но мора да ги сфатите сериозно“.

„Земјите кои се фалат за својата армија - има причина зошто го прават тоа, бидејќи знаат дека нивните капацитети се далеку помали од она што го тврдат“, изјави сенаторот Бен Кардин, демократ од сојузната држава Мериленд, член на Комисијата за надворешни односи. „Значи, да, ги почитуваме воените способности на Русија. Земјата секако има значаен нуклеарен арсенал. Секако дека беше мошне агресивна во употребата на својата армија, и тука е нашата главна загриженост. Не станува збор за тоа колкава е нивната воена сила, туку како ја користат“, додаде Кардин.

Во обраќањето пред руските пратеници, Путин рече: „На сите оние кои ја поттикнаа трката за вооружување изминативе 15 години, кои се обидоа да издејствуваат унилатерални предности над Русија, воведоа незаконски санкции, со цел да го спречат развојот на нашата земја, сакам да им порачам дека сето она што сакавте да го попречите со вашата политика, веќе се случи. Не успеавте да ја сопрете Русија".

Тој додаде: „Никој не нè слушаше...Сега слушајте нè“.

Путин кажа дека новото оружје вклучува нуклеарен крстосувачки проектил, ласерско оружје, подводно беспилотно летало со нуклеарен капацитет и нова хиперсонична ракета. Тој тврди дека никаде во светот нема еквивалент на вакво нешто.

Путин истакна и дека новото оружје, системот за противракетна одбрана на НАТО предводен од САД, го направил „бескорисен“.

Вториот по ранг сенатор од редовите на демократите, Дик Дурбин, кажа дека навистина сака да разговара со претставници на Пентагон и разузнавачката заедница, за да се утврди дали говорот на Путин е само фалење или сериозна закана.

Сенаторот од Илиноис го повика претседателот на САД, Доналд Трамп, на одмерен одговор.

Путин предвиде дека обидите за совпаѓање со рускиот арсенал, за Западот ќе станат прескапи и бесмислени. Русија на неколкупати има кажано дека е подготвена со САД да одржи нова рунда разговори за контрола на нуклеарното оружје.

Рускиот претседател говореше воочи изборите во државата, закажани за 18-ти март. Ова е негов трет мандат, а се очекува да победи во трката.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG