Линкови за пристапност

Путин ги отфрли наводите за руското мешање во изборите во САД


Рускиот претседател Владимир Путин, ги отфрли наводите за руското мешање во минатогодишните претседателски избори во САД и рече дека противниците на американскиот претседател Доналд Трамп ги шират обвинувањата за да го поткопаат неговиот легитимитет.

Говорејќи на годишната маратонска прес-конференција во Москва, Путин изрази надеж дека американско-руските односи ќе се нормализираат.

Американските разузнавачки агенции заклучија дека Путин издал наредба за спроведување на кампања, со цел да се влијае на резултатот од изборите во САД, претпочитајќи победа на Трамп над поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон. Трамп на неколкупати кажа дека неговата кампања не соработувала со Русија.

Путин рече дека Русија е загрижена поради тоа што САД се повлекуваат од договорите за контрола на оружјето, и дека неговата земја ќе продолжи да ги почитува спогодбите. Тој додаде руската армија ќе се развива според потребите, без да влезе во трката за вооружување со САД.

Путин истакна дека употребата на сила против Северна Кореја од страна на САД ќе има „катастрофални последици“. Тој додаде дека Русија не го прифаќа нуклеарниот статус на Северна Кореја, но ги обвини САД за провокациите кон Пјонгјанг кои довеле до развојот на нуклеарната програма.

Рускиот претседател рече дека одлуката на Меѓународниот олимписки комитет дека руските спортисти не можат да се натпреваруваат на претстојните Зимски олимписки игри во Јужна Кореја е политички мотивирана.

Тој изјави дека на државата и` треба поконкурентен политички систем и дека на изборите следната година ќе се кандидира како независен кандидат, наместо од партија Обединета Русија. Путин кажи и дека на опозицијата и` недостасува силен кандидат, кој може да му се спротивстави.

Противниците го обвинуваат рускиот лидер дека го користи законот и судскиот систем против неговите ривали.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG