Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој се суспендира учеството на земјата во Договорот за нуклеарни сили од среден дострел помеѓу Москва и Вашингтон од времето на Студената војна.
Законот, кој беше поддржан од парламентот минатиот месец, денеска е објавен на владиниот портал за правни информации.
Во февруари Соединетите Американски Држави го прекинаа своето учество во Договорот за нуклеарни сили од среден дострел од 1987 година, при што Вашингтон со сојузниците ја обвинија Русија за распоредување на ракетен систем што е во спротивност со договорот.
Русија го отфрли обвинувањето, а подоцна Москва ги обвини САД за кршење на самиот договор, тврдење кое што Вашингтон го отфрли.
Договорот за нуклеарни сили од среден дострел беше прв од ваков вид за елиминирање на цела класа проектили.
Со него беше забрането САД и Русија да развиваат, произведуваат и распоредуваат крстосувачки или балистички проектили со дострел од 500 до 5.000 километри.
Facebook Forum