Рускиот претседател Владимир Путин денес го обвини Западот дека ризикува глобален конфликт и рече дека никому нема да му биде дозволено да ѝ се заканува на најголемата нуклеарна сила во светот, додека Русија ја одбележа победата на Советскиот сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Додека руските трупи напредуваат против силите на Украина поддржани од Западот, Путин ги обвини „арогантните“ западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога на Советскиот сојуз во поразот на нацистичка Германија и дека поттикнуваат конфликти ширум светот.
„Знаеме до што водат претераните вакви амбиции. Русија ќе стори сé за да спречи глобален судир“, рече Путин.
„Но, во исто време нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратешки сили се секогаш во состојба на борбена готовност“.
Путин, кој ја испрати својата војска во Украина во 2022 година, ја смета војната како дел од борбата со Западот, за кој вели дека ја понижил Русија по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, навлегувајќи во она што тој го смета за сфера на влијание на Москва.
Украина и Западот велат дека Путин е ангажиран во грабеж на територија во империјалистички стил.
Тие ветија дека ќе ја победат Русија, која во моментов контролира околу 18 отсто од Украина, вклучувајќи го и Крим, и делови од четири региони во источна Украина.
Русија вели дека териториите, некогаш дел од руската империја, сега повторно се дел од Русија.