Линкови за пристапност

Путин повика на нов безбедносен систем во Европа


Рускиот претседател предупреди на Трета светска војна ако САД се обидат да го поткопаат стратешкиот паритет

Рускиот претседател Владимир Путин, повика на развој на нов европски систем за безбедност, како одговор на она што го нарече, американски обид за поткопување на стратешкиот паритет и предупреди дека Трета светска војна може да стави крај на цивилизацијата.

„Разбирањето дека Трета светска војна може да стави крај на цивилизацијата ќе не држи настрана од преземање екстремни чекори на меѓународната сцена, кои се многу опасни за модерната цивилизација“, рече Путин на годишното телевизиско обраќање.

Тој го осуди американското повлекување од Договорот за ограничување на противракетните проектили во 2001-та, како „обид да се стави крај на стратешкиот паритет, но ние ќе одговориме на тоа“.

Путин кажа и дека Русија наскоро ќе стави во употреба нова интерконтинентална балистичка ракета. „Планираме да го доставиме најмоќниот стратегиски ракетен систем на располагање на вооружените сили во 2020-та година, новиот моќен балистички проектил „Сармат“.

Лидерот на Русија ги пофали вооружените сили на земјата, велејќи дека помогнале во борбата против тероризмот во Сирија, и дека нивното присуство помогнало во стабилизацијата на состојбата во државата разурната од граѓанската војна.

Путин рече дека не планира да ги повлече воените сили од Сирија и дека ќе остане таму се` додека присуството им служи на интересите на Русија. Сепак, додаде тој, можеме брзо да се повлечеме од државата, ако тоа е потребно. Русија ја започна воената операција во Сирија во 2015-та година. Тој во декември минатата година објави дека ќе го намали военото присуство на Русија во Сирија.

Путин се осврна на царините за увоз на челик и алуминиум што САД ги наметнаа на Канада, Мексико и Европската унија, поврзувајќи ги економски санкции воведени кон Москва.

„Нашите партнери мислеа дека тоа никогаш нема да им се случи ним, контрапродуктивните политики на рестрикции и санкции. Гледаме дека тоа се случува“.

Путин потенцираше и дека тој предупредил на ризикот од наметнување на американски правила на други земји во говор во Минхен во 2007-та година: „Никој не сакаше да слуша и никој не стори ништо за да го запре ова. Еве се случи. Сега сте засегнати. Вечерта е сервирана. Седнете и вечерајте“.

Тој воедно ја предупреди Украина да не презема никаква воена акција против проруските сепаратисти во источна Украина, додека Русија е домаќин на Светското првенство во фудбал.

„Се надевам дека нема да има никакви провокации, но ако тоа се случи, мислам дека ќе има многу сериозни последици за украинската држава“, рече тој.

Путин продолжи да негира каква било руска вмешаност во американските избори во 2016-та година, со цел да му помогне на американскиот претседател Доналд Трамп да победи на изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG