Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во руското одморалиште Сочи, велат виши турски претставници.
Средбата доаѓа во време кога меѓународната заедница искажа загриженост за можната акција на сириската влада во провинцијата Идлиб, која се граничи со Турција, последно упориште на вооружената опозиција на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу на прес конференција кажа дека неговата земја е подготвена да соработува со сите страни во борбата против терористичките организации во Идлиб, но убиствата на цивили, жени и деца под изговор за борба против тероризмот не е хумано.
Турција стравува дека офанзивата во Идлиб ќе предизвика нов прилив на бегалци на нејзина територија, каде што веќе има повеќе од 3 милиони Сиријци.
Ердоган и Путин минатата недела во Техеран се состанаа на самит посветен на Сирија на кој домаќин беше иранскиот претседател Хасан Рухани.
Ердоган неуспешно се обиде да постигне прекин на огнот во провинцијата Идлиб, каде што владините сили се подготвени да започнат офанзива против бунтовниците.
Русија и Иран се клучни сојузници на режимот на Ал Асад, додека Турција ги поддржува опозициските борци кои бараат оставка од сириски лидер.
Facebook Forum