Рускиот претседател Владимир Путин денес рече дека нема да дозволи владите кои се сојузници со Москва да бидат урнати со таканаречените „шарени револуции“, укажувајќи на серијата народни бунтови што ги потресоа поранешните советски републики.
За време на онлајн средбата со лидерите на алијансата за колективна безбедност предводена од Русија, Путин рече дека минатонеделните насилни немири во Казахстан се последица на „деструктивни внатрешни и надворешни сили“.
Тој додаде дека „се разбира, ние разбираме дека настаните во Казахстан не се прв и далеку од последен обид за мешање во внатрешните работи на нашите држави однадвор“.
Казахстанските официјални лица изјавија дека четиригодишно девојче било меѓу 164 лица кои беа убиени во минатонеделните протести. Властите соопштија дека се приведени 5.800 луѓе.
Во обид да ги запре протестите, претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев издаде наредба за пукање за да се убие, овозможувајќи им на безбедносните сили да отворат оган врз демонстрантите без предупредување.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс
Facebook Forum