„Отворањето на седницата, на почетокот, ќе го водам на двата јазика, нема потреба од слушалки, зашто ќе го кажам истото“, рече на почетокот на седницата премиерот Талат Џафери.
Откако го заврши обраќањето на албански, новиот премиер, како што и најави, истата порака на конститутивната седница на владата, ја прати и на македонски јазик.
„На сите членови на владата, во мое лично име би сакал да ви честирам на изборот и да ви поскаам успешна работа и соработка. Пред нас е една клучна задача – подготовка на фер и слободни избори во демократска атмосфера. Во тоа имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со ДИК, и со мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, со ЕУ и САД за да обезбедиме највисоки европски стандарди во изборната кампања и самите избори за граѓаните слободно да ја изразат својата волја“
На седницата присуствуваше едниот од двајцата министри предложени од ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски, новиот шеф на МВР. Ѓоко Велковски, министерот за труд и социјала, не беше во салата. Премиерот беше јасен дека од сите министри очекува максимална заложба и соработка.
„Тука сме и да обезбедиме редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност... Од оваа влада очекувам ефикасност и таа да е во функција на интересите на граѓаните, транспарентна и отчетна. Очекувам сите членови на владата да го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно,отворено и професионално“, рече премиерот Џафери.
Опозицијата, иако партиципира во оваа преодна влада, не верува дека таа ќе биде успешна и не запира со критиките за тоа кој е нејзин премиер.
„Ковачевски си ги понижи сопствените пратеници, кои мораа да го гласаат командант Форина за премиер. Талат Џафери немаше да биде премиер без гласовите од СДС. За да владее ден повеќе Ковачевски ја предаде владата на дезертерот Џафери“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Спроведувањето на изборите, што е главна задача на оваа влада, било едно од прашањата за кои денеска новиот премиер разговарал со евроамбасадорот Гир. Била потврдена поддршката од ЕУ за фер и демократски избори како и тоа дека ќе продолжи соработката со институциите за реализирање на европската агенда на државата.