Покрај секојдневните собири на „Протестирам“, на улиците излезе и Албанскиот опозициски совет, составен од вонпарламентарната опозиција и здруженија, кој под мотото „Ден Д: Правда, Достоинство, демократија“ побара негово вклучување во преговорите за надминување на кризата. Неколкуте илјади демонстранти, без партиски обележја, со албански знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Против државниот терор“, „Црно-црвена револуција“, го почнаа маршот од Чаир, за да завршат пред владата каде ги кажаа своите барања.
„Овде сме зашто бараме правда, против сме монтирани процеси против Албанците како „Сопот“, „Монструм“ и „Кумановските настани“. Невини луѓе се во затвори. Не може Никола Груевски да решава за кризата кога тој самиот е причината за таа криза. Ќе доаѓаме пред Владата секој ден се додека не ги извадиме овие криминалци од Владата и не ја смениме власта“ – изјави Билал Касами од партијата „Беса“.
Истовремено, неколку стотици метри од владата, „Шарената револуција“ повторно го искажуваше револтот од политичката ситуација, аболицијата потпишана од Ѓорѓе Иванов, предвремените избори закажани за 5-ти јуни.
Протестот беше во знакот на Денот на Европа и победата над фашизмот.
„Да се бориме против секакви појави на фашизмот, да бидеме будни да не дозволиме тоа зло пак да ни се случи. Смрт на фашизмот, слобода на народот“ – порача Димче Најчевски, учесник во НОБ.
„Шарената револуција“ протестираше и во Прилеп, Крива Паланка, Битола.