Учениците што ќе излезат на протести за контрола на оружјето на 24-ти март во Вашингтон, може да се соочат со суспензија, предупредува Џин Полицински, претседател на Центарот за првиот амандман во Њузеумот.
„Сакаме да ги предупредиме учениците и родителите да проверат дали има политика на неодобрување во нивните училишта, и ако тоа е случај, да проверат дали тоа може да се промени. Има начин да се крене гласот, но, во согласност со Првиот амандман“, изјави Полицински за Гласот на Америка.
Вели дека не постои национална политика како ќе се регулира нивното отсуство од училиште, туку ќе зависи од одлуката на наставниците, која може да се разликува од дистрикт до дистрикт.
„Дознајте кои се правилата во местото каде се наоѓа вашето училиште, дури и во самото училиште, каде директорот можеби има воведено посебни регулативи. Ако ви речат дека не се согласуваат со протестите, поради пораката која је испраќате, тогаш тоа е противуставно“, објаснува тој.
Ако наставниците, пак, не сакаат учениците да излезат на улица тој ден, вели Полицински, сепак може да ја исполнат целта на протестите - преку дебата за оружјето.
„Би било будалесто да го игнорирате гласот на учениците само поради тоа што се деца“, додава Полицински
Во меѓувреме, учениците од Паркленд, Флорида се подготвуваат за протестите во Вашингтон на крајот на месецов, под мотото „Марш за нашите животи“.
Дејвид Хог, еден од организаторите на протестите, на неговиот Твитер профил напиша:
„Треба да го кажеме нашето мислење заради нас самите, како и за иднината на Америка. Ќе преземе акција, кога нашите политички лидери не го прават тоа“, напиша Хог.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека Конгресот треба да донесе закон со кој ќе се спречат училишните убиства, но, оти мора да се почитува Вториот амандман од Уставот, со кој се дозволува поседување оружје.
Додека дебатата продолжува, демократскиот гувернер на Орегон Кејт Браун потпиша нова легислатива, со која треба да се спречи домашното насилство, и со која им се забранува на лицата, за кои постои предупредување, да купуваат оружје.
Ова е прва мерка по масакрот во Флорида минатиот месец.
Facebook Forum